Како што и очекувавме, сензационалистичките најави од таканаречените „етаблирани“ спортски портали низ државата, кои секојдневно се тркаат за клик повеќе, повторно се покажаа како обична дезинформација. Веста дека турскиот гигант Трабзонспор наводно доставил понуда од 1.5 милиони евра за крилниот напаѓач на Вардар, Роџерс Мато, експресно беше демантирана од самиот клуб.
Раководството на „Црвено-црните“ реагираше брзо на социјалните мрежи. Првиот човек на клубот, преку коментар на фан-страниците, кратко и јасно напиша: „Not for sale“ (Не е за продажба).

Подоцна следеше и подетално објаснување од раководството дека трансферот на фудбалери „не е влегување во маркет и купување чоколадо“, туку комплексен процес кој зависи од десетици фактори (договори, клаузули, проценти, здравствена состојба итн.), а не од чаршиски муабети.
Став на SportStation: Продажба да, но под паметни услови!
Иако клубот засега ја спушта топката, нашиот став е дека продажбата на Мато оваа зима е најлогичниот потег, под услов да се заштитат интересите на Вардар на долг рок.
Еве зошто:
- Тајминг: Подобро е Мато да биде продаден сега за пристојна сума, отколку Вардар да ризикува да го загуби бесплатно или за симболична сума на лето.
- Потенцијал и Проценти: Со оглед на огромниот потенцијал („ceiling“) на репрезентативецот на Уганда, фиксната сума на трансферот е помалку битна од клаузулата за идна продажба. Вардар мора да инсистира на 20% до 25% од следниот трансфер. Тоа е вистинската „златна кокошка“ која може да донесе милиони во иднина, наместо сегашните фиктивни суми со кои се расфрлаат медиумите.
- Титулата е сигурна: Според нас, Вардар има доволно квалитет и систем да ја освои титулата во ПМФЛ дури и без Мато во пролетниот дел.
Засега, Мато останува во Скопје, но зимата е долга, а вистинските понуди (не оние од порталите) допрва ќе се разгледуваат.



