Младиот македонски тенисер Андреј Темов имаше извонреден настап на меѓународниот турнир “Дубровник Дуб Боул”, играјќи во категоријата до 13 години, каде што стигна до полуфиналето. Таму беше поразен од првиот носител и победник на турнирот, Јухен Лиу од Кина, со 2-0 во сетови (6-2, 6-3).
На патот до полуфиналето, Темов елиминираше реномирани противници – прво го совлада третиот носител Јернер Мариншек од Словенија со 2-0 (6-4, 7-6(2)), а потоа и Јаков Огришек од Хрватска со 2-0 (7-5, 7-5). Во групната фаза забележа уште две победи – против Лука Бох од Словенија (6-2, 6-1) и Хугас Јургаитис од Литванија (6-2, 6-0), а загуби од Марко Супица од Словачка (3-6, 4-6).

Темов уште еднаш покажа дека е едно од најперспективните имиња во македонскиот јуниорски тенис.
Во категоријата до 11 години настапи и македонската тенисерка Јована Атанасовска, која ја претставуваше нашата земја кај девојчињата.
Македонските надежи продолжуваат да го покажуваат својот квалитет на меѓународната сцена!




