Денес беше објавено дека англискиот фудбалски клуб Моркам, кој постоеше цели 105 години, е официјално затворен и избришан од постоење. Ова се должи на несовесното финансиско работење на сопственикот Џејсон Витингам, кој наводно го користел клубот во корист на своите приватни финансиски проблеми.
Клубот уште од 2022 година под водство на Витингам западнал во големи финансиски проблеми, а спасот се гледаше во преземањето на сопствеништвото од страна на “Панџаб Вориорс”. Но, клубот и групацијата во официјална заедничка изјава за јавноста, известија дека не успеале да обезбедат осигурување, со што биле стопирани сите активности.
Официјално клубот престана да работи денес, откако претходно беше затворена Академијата и персоналот беше испратен дома.

Во понеделникот Моркам беше суспендиран и од Националната лига, бидејќи не успеале да ги подмират финансиските трошоци за идната сезона. Како резулат на тоа, нивните први натпревари во лигата беа одложени, а клубот беше тргнат и од Националниот куп.
Иронично, клубот од 2010 навака пробал да се модернизира, селејќи се на Мазума Мобилниот стадион, но и покрај инвестициите во инфраструктура, систематските економски притисоци на модерниот фудбал, уште еднаш покажаа дека се над локалната поддршка, оставајќи ги историските клубови подложни на колапс.
Инаку, Моркам го носеше прекарот “Ракчиња”, а нивниот амблем е одраз на историското наследство на градот познато по риболовот на ракчиња. Можеби клубот не беше голем и популарен како останатите англиски тимови, но несомнено во себе носеше фудбалска историја која после повеќе од век, сега згаснува…




