Легендарната патека Спа-Франкоршамп уште еднаш ги оправда очекувањата и ни донесе трка преполна со драма, контроверзии и тактички надмудрувања. Кими Антонели се врати на победничките патеки со триумф на исклучително оспоруваното Гран При на Белгија, зголемувајќи ја својата предност во генералниот пласман на дури 45 бодови.
Италијанскиот тинејџер во болидот на Мерцедес мораше жестоко да се мачи за својата шестта победа во сезоната (прва по Монако во мај), откако во финишот го скрши отпорот на одличниот Шарл Леклер со Ферари, додека Макс Верстапен мораше да се задоволи со третото место на подиумот.
Колапс во Мерцедес: Хамилтон предизвика инцидент и го откажа Расел!
Трката започна со тотален хаос уште во првиот круг. Иако Антонели тргна од пол-позицијата, Макс Верстапен имаше брутален старт и успеа да го престигне Италијанецот уште во свијокот О Руж. Сепак, Антонели брзо се созеде и ја врати првата позиција на правецот Кемел.
Lights out at Spa!
— Formula 1 (@F1) July 19, 2026
Watch a dramatic opening to the Belgian Grand Prix 🎥#F1 #BelgianGP pic.twitter.com/P2AkibfxXy
Вистинската драма се случуваше зад нив. Џорџ Расел целосно го загуби темпото и падна зад двата болида на Ферари. При обидот да се врати во игра, Расел претрпе директен удар од Луис Хамилтон во свијокот Ле Комб, по што болидот на Расел заврши заглавен во песокот, означувајќи предвремен крај на трката и излегување на безбедносното возило. Иако Хамилтон се жалеше дека немал контрола врз предниот дел поради болидот пред него, стјуардите беа немилосрдни и му изрекоа казна од 5 секунди.
Here’s Lewis’ view of the contact with George on the opening lap 👀#F1 #BelgianGP pic.twitter.com/ZticPlZfQH
— Formula 1 (@F1) July 19, 2026
Тактичка војна: Леклер профитираше од VSC, Антонели возврати со брзина
Откако трката продолжи, Антонели ја контролираше ситуацијата сè додека на патеката не се појави периодот на Виртуелно безбедносно возило (VSC). Ферари совршено го погоди тајмингот за втората промена на гуми кај Леклер, кој благодарение на тоа профитираше и излезе на патеката пред Антонели, преземајќи го водството откако го помина Ландо Норис (кој беше на алтернативна стратегија).
И покрај тоа што помина седум кругови зад возачот на Ферари, Антонели покажа зошто е лидер во шампионатот. Со огромна предност во брзината на правците, италијанскиот возач изведе фантастично престигнување на 10 кругови пред крајот на правецот кон Ле Комб. Леклер се обидуваше да остане во ДРС зоната, но Антонели ја зголеми предноста и на крајот славеше со 1.9 секунди предност.
Kimi leads again!
— Formula 1 (@F1) July 19, 2026
Watch Antonelli make his move on Leclerc #F1 #BelgianGP pic.twitter.com/1336ckjAEL
Зад нив, Верстапен мирно ја приведе трката кон крај за уште еден подиум (П3), пред Хамилтон кој заврши како четврти. Британецот по трката се соочува со дополнителна истрага поради опасно пуштање од боксот (unsafe release), каде закачи еден од механичарите на Ферари кој, за среќа, помина без повреди. Топ 5 пласманот го заокружи Оскар Пијастри со оштетен болид на Мекларен по раниот контакт со Леклер.
Херои на денот: Хаџар од дното до П6, Колапинто во „три-вајд“ лудило за бод
Трката во Белгија донесе неверојатни камбекови во средниот ред:
- Исак Хаџар: Младиот Французин тргна од претпоследната позиција (П21) поради казни за моторни компоненти, но со брилијантно возење и три застанувања во боксот стигна до неверојатното 6-то место.
- Ландо Норис: Слично како Хаџар, Норис поради казна тргна од П13, возеше со тврди гуми во првиот дел, а во последниот круг го постави најбрзиот круг на трката за да заврши како седми.
- Габриел Бортолето: Му донесе нови вредни бодови на тимот на Ауди со финиш на 8-то место.
- Франко Колапинто: Најлудиот момент на трката се случи во битката за последниот бод. Пјер Гасли, Лијам Лосон и Колапинто влегоа рамо до рамо (three-wide) на Кемел правецот, а возачот на Алпин покажа најздрави нерви и го украде 10-то место.
Што изјави победникот?
„Прекрасно е чувството да се биде повторно на највисокото скалило по неколку навистина тешки трки за нас. Ова беше тешка борба. Го загубивме првото место поради виртуелното безбедносно возило, но успеавме да се вратиме. Шарл беше исклучително брз и морав да дадам сè од себе за да ја задржам предноста во финишот“, изјави емотивниот Антонели.
Формула 1 караванот не запира и веднаш се сели во Будимпешта, каде веќе следниот викенд (24-26 јули) ќе се вози возбудливото Гран При на Унгарија на патеката Хунгароринг.



