Само неколку месеци откако го крена пехарот во Премиер лигата, Арне Слот се соочува со суровата реалност. По поразот од Манчестер Сити, Ливерпул падна на шесттото место на табелата, а холандскиот стратег не бара изговори и признава дека тимот е во сериозна резултатска криза.
„Шампионскиот сјај“ избледе потрошени 450 милиони фунти
Иако летово Ливерпул потроши вртоглави 450 милиони фунти на нови засилувања, вклучувајќи го и британскиот рекорд од 125 милиони за Александар Исак, резултатите на теренот се далеку од очекуваните. Со 11 победи и дури 8 порази, „црвените“ се борат да фатат приклучок со Топ 4 зоната.
„Ова е мојата најтешка сезона во кариерата, и тоа со огромна разлика. Досега во мојата менаџерска кариера знаев само за позитивни работи, не бев навикнат да губам два меча по ред. Играчите знаат што значат стандардите на Ливерпул, а ние во моментов не ги исполнуваме тие стандарди“, изјави Слот за Би-Би-Си.

Проблеми со повреди и страв од „Лига Европа“
Пред денешното гостување кај Сандерленд, Слот се соочува со неверојатен дефицит во одбраната. Со повредените Конор Бредли, Фримпонг и Џо Гомез, како и суспендираниот Собослаи, Ливерпул буквално нема десен бек. Кога на тоа ќе се додадат долготрајните повреди на Исак и Џовани Леони, јасно е зошто Холанѓанецот го користи зборот „лоша среќа“.
Слот е свесен дека неосигурувањето на Лигата на шампионите би било катастрофа за клубот: „Ако не играме во Лигата на шампионите следната сезона, тоа дефинитивно нема да биде прифатлива сезона. Знам колкаво влијание има тоа врз водењето на еден ваков клуб.“
И покрај сè, Слот верува дека тимот сè уште може да направи нешто „специјално“ до крајот на мај, но патот до таму ќе бара речиси перфектни игри во наредните три месеци.



