Глобалниот директор за фудбалски развој на ФИФА, Арсен Венгер, отворено призна дека квалитетот на терените на Светското клупско првенство во САД не е на потребното ниво, но вети дека до Светското првенство во 2026 година работите ќе бидат драстично подобрени.
Терените, кои беа видливо суви и дополнително прскани со вода за време на паузите за ладење или на паузите за полувреме, беа мета на остри критики — најмногу од тренерите и фудбалерите на европските гиганти.
“Лично бев на теренот во Орландо”, изјави Венгер, некогашниот легендарен стратег на Арсенал. “Теренот не е на нивото на кое се навикнати европските клубови. Не е совршен, но тоа ќе се среди за Светското следната година”.

Критиките први ги започна тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, веднаш по убедливата победа од 4:0 против Атлетико Мадрид.
“Топката отскокнува како зајак”, изјави Енрике после натпреварот. “Еве на пример, теренот на кој игравме денес порано бил вештачка трева, а сега е природна трева која е распослана по него, што значи дека мора да се наводнува рачно. Тоа е огромен проблем за начинот на кој играме”.
“ФИФА мора да ги сфати овие работи серизоно. Не само за терените на стадионите, туку и оние за тренинзи. Ако го нарекуваме ова најдобриот турнир за клубови во светот, тогаш мора да има и терени од врвна класа. Тоа е како да гледате НБА натпревар да се игра на паркет со дупки”, додаде тој.



