(Видео) Арсенал рутински го среди Леверкузен: Езе и Рајс обезбедија четвртфинале

 

Објавено:

По неизвесното реми (1-1) минатата недела во Германија, кое беше изборено со доцниот пенал на Каи Хаверц, Арсенал не остави ништо на случајноста на реваншот во Лондон. Избраниците на Микел Артета одиграа беспрекорен натпревар, рутински совладувајќи го Баер Леверкузен за сигурен пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

„Топчиите“ доминираа од првиот судиски свиреж, не дозволувајќи му на германскиот тим воопшто да влезе во својот ритам. Со оваа победа, лондончани закажаа четвртфинална пресметка со Спортинг Лисабон, кој претходно направи историско чудо враќајќи се од три гола негатива против Бодо/Глимт.

Првенец на Езе по опсадата на германскиот гол

Арсенал тргна офанзивно и уште во раната фаза можеше да поведе. Дефанзивецот Габриел во два наврати се најде во одлични позиции по препознатливите корнери на Лондончани, но голманот на Леверкузен, Јанис Бласвич, со извонредни интервенции ја чуваше нулата.

Сепак, Бласвич беше немоќен малку подоцна кога на сцена стапи Еберечи Езе. Англискиот репрезентативец мајсторски ја прими топката на работ од шеснаесеттникот, се сврте и испрати неодбранлив проектил под пречката. Ова беше посебен момент за Езе, бидејќи го прослави својот прв погодок во кариерата во Лигата на шампионите.

Рајс стави точка, Артета ги чува силите за „Вембли“

Сликата на теренот не се промени ниту во второто полувреме. Арсенал продолжи да диктира темпо, а прашањето околу патникот во следната фаза го реши Деклан Рајс. По една лошо расчистена топка од одбраната на Леверкузен, Рајс натрча и смирено ја пласираше во долниот агол, ставајќи крај на сите надежи на гостите.

Со обезбедена победа и билет за четвртфиналето, Микел Артета го искористи луксузот да ги повлече од игра своите клучни фудбалери. Овој потег е од огромно значење за Арсенал, бидејќи веќе во недела ги очекува битка за трофеј – големото финале во Карабао Купот против Манчестер Сити на култниот „Вембли“.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено