Денешниот ден на Австралија Опен донесе многу борба на терените. Иако највисоко рангираните тенисери успеаја да ги оправдаат улогите на фаворити, патот до победите беше сè само не лесен.
Медведев ја прекина „црната серија“ на Грен слемовите
Данил Медведев успеа да го совлада Квентин Алис со 6-7(9), 6-3, 6-4, 6-2, но почетокот на мечот беше шокантен. Французинот „пукаше“ винери од сите страни и го доби првиот сет во тај-брејк, а потоа имаше и брејк предност во вториот. Сепак, Медведев успеа да го најде ритамот и да направи пресврт.
„Ова е првпат по две години да сум во трето коло на Грен слем, па затоа се чувствувам добро“, призна Медведев, кој од УС Опен 2024 немаше поминато во оваа фаза на најголемите турнири. Негов следен противник е опасниот Унгарец, Фабијан Марожан.
Рубљев по мирен пат со помош на Марат Сафин
Андреј Рубљев славеше против Португалецот Жоао Фарија со 6-4, 6-3, 4-6, 7-5. Рубљев имаше проблеми во третиот сет, но овојпат остана смирен наместо да влезе во вообичаените емотивни падови. Рускиот тенисер по натпреварот истакна дека неговиот нов тренер, легендарниот Марат Сафин, му носи неопходна смиреност. Во следната рунда го чека Франциско Серундоло, кој има позитивен скор против него.
Томи Паул е „перфектен“, Давидович Фокина го сруши џинот Опелка
Американецот Томи Паул продолжува со застрашувачка форма. Тој сè уште нема загубено сет на турнирот, а денеска го „збриша“ Тиаго Тиранте со 6-3, 6-4, 6-2. Во третото коло тој ќе ги одмери силите со Алехандро Давидович Фокина, кој по вистински маратон го совлада серверот Рајли Опелка со 3-2 во сетови, издржувајќи дури 37 асови на Американецот.
Историски успех за Бублик во Мелбурн
Александер Бублик конечно ја проби бариерата на Австралија Опен. По неколку години неуспеси во раната фаза, тој го победи Мартон Фучович со 7-5, 6-4, 7-5 и за првпат се пласираше во третото коло во Мелбурн. Бублик покажа созревање во играта, балансирајќи ги атрактивните трик-удари со стабилност од основната линија.



