Барса го почнува патот кон одбрана на трофејот против непредвидливиот Атлетик Билбао

Објавено:

Вечерва во 20:00 часот, стадионот „Кинг Абдула“ во Џеда ќе биде арена на првото полуфинале од шпанскиот Суперкуп. Актуелниот шампион во ова натпреварување, Барселона, се соочува со тимот кој традиционално знае како да ги изненади фаворитите во куп-формати – Атлетик Билбао. Победникот од овој дуел во недела ќе се бори за трофејот против подобриот од утрешното мадридско дерби помеѓу Реал и Атлетико.

Реприза на среќните спомени

За Барселона, Џеда е место кое буди убави спомени. Токму тука пред точно една година, Каталонците го совладаа Реал Мадрид со спектакуларни 5-1 во финалето. Тимот на Ханси Флик сега се надева на 16-от трофеј во ова натпреварување, со што би го зацврстиле својот статус на најуспешен клуб во историјата на Суперкупот.

Формата е на страната на Каталонците

Ако се суди според моменталните резултати, Барселона е апсолутен фаворит. Лидерот во Ла Лига допатува во Саудиска Арабија со серија од девет победи по ред. Од друга страна, Баскијците се мачат со континуитетот. Тие загубија девет од последните 18 натпревари во сите натпреварувања и моментно се наоѓаат на осмото место во домашното првенство.

Сепак, Атлетик Билбао е единствениот тим надвор од „големата двојка“ (Барса и Реал) кој успеал да го освои овој трофеј откако во 2020 година беше воведен форматот со четири екипи.

Состојба во екипите: Билбао со сериозни проблеми

Ханси Флик може да биде задоволен бидејќи во тимот се враќа Роналд Араухо, па единствени отсутни се долготрајно повредените Гави и Кристенсен. Голманот Жоан Гарсија, кој се очекува да стартува, изјави дека тимот е полн со самодоверба по серијата натпревари без примен гол. Другиот голман, Тер Штеген синоќа ја напуштил Саудиска Арабија и отпатувал назад во Барселона за медицински проверки после повреда со која се здобил на тренингот, но засега нема официјални информации.

За разлика од нив, Ернесто Валверде има сериозни главоболки. Покрај суспендираниот Јерај Алварез, поради повреди надвор од составот се и клучните играчи како Јури Берчиче, Емерик Лапорт и Бењат Прадос.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено