Каталонскиот гигант Барса, најавуваше дека ќе се врати на Камп Ноу за традиционалниот натпревар, но и покрај иницијалните планови, стадионот не е подготвен да ги пречека навивачите.
По азиската турнеја, Барселона ќе се врати “дома” за да ја прослави традиционалната “Феста дел Гампер”, но годинава со посебна симболика. На 10 август, од 21:00 часот, на Естади Јохан Кројф, Барса ќе го одигра 60-то издание од Трофејот Жоан Гампер против италијанскиот прволигаш Комо 1907, клубот каде денес се Сеск Фабрегас и Серџи Роберто, двајца омилени бивши играчи на Каталонците.
Ова ќе биде првпат во 125-годишната историја на Барса да се сретне со Комо, кој е клуб со 118 годишна историја. Комо оваа сезона се врати во Серија А по пауза од 21 година и заврши на високо 10-то место, како едно од изненадувањата на шампионатот. Со ова, Комо станува деветтиот италијански клуб што игра на Гамперот, по имиња како Јувентус, Интер, Милан и Рома.
𝗖𝗼𝗺𝗼 𝟭𝟵𝟬𝟳 𝘄𝗶𝗹𝗹 𝗯𝗲 𝗼𝘂𝗿 𝗼𝗽𝗽𝗼𝗻𝗲𝗻𝘁 𝗶𝗻 𝘁𝗵𝗲 𝗝𝗼𝗮𝗻 𝗚𝗮𝗺𝗽𝗲𝗿 𝗧𝗿𝗼𝗽𝗵𝘆!
— FC Barcelona (@FCBarcelona) July 22, 2025
За Каталонците, ова ќе биде и официјалната презентација на тимот на Ханси Флик, по подготовките во Јапонија и Јужна Кореја (против Висел Кобе, Сеул и Даегу). Мечот против Комо ќе биде последниот тест пред стартот на Ла Лига на 16 август против Мајорка.
Симболиката е голема – Фабрегас, денес тренер во Комо, и Серџи Роберто, кој по 18 години ја напушти Барса, се враќаат на местото што го сметаат за свој дом. Во редовите на италијанскиот тим е и Алекс Ваље, производ на Ла Масија кој има изиграно за првиот тим на Барса во пријателски меч.
Повеќе од меч, ова е вечер на носталгија, нови почетоци и уште една страница од богатата историја на клубот, но сепак, не е вечер кога ќе го видиме реконструираниот Камп Ноу.



