Барселона без првиот голман: Жоан Гарсија ќе паузира три недели

 

Објавено:

Спектакуларната победа на Барселона од 7-2 против Њукасл и пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите беа донекаде засенети од една лоша вест за тренерот Ханси Флик. Каталонскиот гигант на одредено време остана без својот стандарден чувар на мрежата, Жоан Гарсија, кој мораше предвреме да го напушти теренот поради повреда.

Интервенцијата што донесе болка и шанса за Шчесни

Инцидентот се случи во 83. минута од средбата на „Камп Ноу“, веднаш откако 25-годишниот голман одлично го одбрани ударот на Харви Барнс. Гарсија веднаш се фати за десниот лист на ногата и побара медицинска помош, по што на негово место меѓу стативите застана искусниот Војчех Шчесни.

Според првичните информации од клубот, станува збор за полесна повреда на мускулот која ќе го оддалечи од терените во следните три недели. Деталните тестови се закажани за денеска во тренинг-центарот на Барселона, а тренерот Флик по мечот изјави дека ситуацијата не изгледа премногу сериозно, но дека мора да се почекаат конечните резултати за точна дијагноза.

Пропуштен повик за Шпанија, но спремен за четвртфиналето

Оваа повреда доаѓа во лош момент за Гарсија, кој има блескава дебитантска сезона откако пристигна минатото лето од Еспањол за 25 милиони евра. Тој веќе забележа 35 настапи во сите натпреварувања и се очекуваше да добие повик за шпанската репрезентација за претстојните пријателски натпревари против Србија (27 март) и Египет (30 март).

Покрај репрезентативните обврски, шпанскиот голман сигурно ќе го пропушти и неделниот првенствен дуел против Рајо Ваљекано во Ла Лига. Сепак, медицинскиот тим на Барселона е голем оптимист дека нивниот прв избор ќе биде целосно подготвен и рехабилитиран за првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите во почетокот на април, каде Каталонците ги чека шпанско дерби против Атлетико Мадрид. Во меѓувреме, товарот ќе падне врз плеќите на полскиот ветеран Шчесни.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено