Барселона официјално го промовираше своето најново засилување во офанзивната линија. Карим Адејеми и официјално е нов фудбалер на каталонскиот гигант, откако пристигна од редовите на Борусија Дортмунд.
24-годишниот германски репрезентативец стави потпис на петгодишен договор кој го врзува за „Камп Ноу“ до 2031 година. За неговите услуги Барселона му плати на Дортмунд фиксни 22 милиони евра, плус дополнителни бонуси кои можат да ја искачат сумата над 30 милиони, како и процент од следна продажба.
Don’t blink. Welcome, Adeyemi 💙❤️ pic.twitter.com/ofKGYwuM35
— FC Barcelona (@FCBarcelona) July 23, 2026
Флик е причината за доаѓањето
Главниот иницијатор за овој трансфер беше менаџерот на Барселона, Ханси Флик, кој има одлична релација со Адејеми уште од времето кога му даде деби во германската репрезентација во 2021 година.
„Имавме одличен и долг разговор со Ханси пред да ја донесам одлуката. Тој ми кажа што точно бара од мене и подготвен сум да дадам сè за тимот. Не можев да верувам кога Барса покажа интерес за мене, особено по сезона која за мене не беше најдобра. Благодарен сум за шансата и Флик е главната причина зошто сум тука“, изјави Адејеми на официјалното претставување.
Целосен рестарт на нападот на Каталонците
Доаѓањето на Адејеми е дел од поголемата реконструкција на нападот на Барселона ова лето, која следува по серијата заминувања. Роберт Левандовски кариерата ја продолжува во Чикаго Фајр, Ансу Фати премина во Монако, додека клубот одлучи да не ја активира откупната клаузула за Маркус Рашфорд по истекот на неговата позајмица.
На нивно место, Адејеми пристигнува како второ големо засилување на крилните позиции по Ентони Гордон, кој дојде од Њукасл за 80 милиони евра. Сепак, потписот на Германецот нема да ги промени плановите на Каталонците да го ангажираат и Хулијан Алварез, кој и понатаму останува нивна примарна мета за позицијата класичен шпиц.
Тактичка анализа: Брзина и пресинг за системот на Флик
Иако Адејеми минатата сезона запиша 10 голови и 6 асистенции за Дортмунд на 39 мечеви, неговиот трансфер за многумина е изненадување поради осцилациите во формата. Сепак, причините зошто Флик го посакуваше се јасни.
Адејеми и Гордон носат неверојатна брзина и, што е уште поважно за германскиот стратег, исклучителна агресивност во контра-пресингот. Флик е опседнат со висок притисок врз противничката одбрана, а Адејеми е фудбалер кој неуморно работи и дефанзивно кога тимот ја нема топката.
Сепак, за да се избори за минутажа покрај стандардните Ламин Јамал и Рафиња, Адејеми ќе мора значително да ја подобри конзистентноста, техничката прецизност и донесувањето одлуки во завршницата.



