Иако денес македонските фудбалери паузираа пред клучниот меч во вторник со Велс, во нашата група од квалификациите имаше резултати коишто донекаде ни одговараа. Најголема „утопија“ ќе се случеше доколку Белгија изгубеше дома, а во последниот меч со Лихтенштајн одиграше нерешено, но како што споменавме и претходно, шансите за тоа беа многу мали, така што Македонија не може да се надева на првата позиција во групата, иако математички шансите се присутни.
Она што е најважно во моментот е дека „стравот“ од Вадуц не се оствари и Велс не победи со повеќе од шест разлика, што значи дека ние ќе имаме поповолна гол разлика во случај и на реми на гостувањето за освојување на втората позиција на табелата. Македонија во секој случај го има „баражот“ во рака, а сега останува во вторник да се види во кој „шешир“ на ждрепката ќе припадне.
1. Херојски Казахстан ѝ собра бод на Белгија!
Да почнеме со чудото од Астана. Казахстан одигра херојски 1-1 против Белгија! Она што малкумина го очекуваа, беше нерешен резултат, а Белгија денес ја пропушти шансата за билет за Мундијалот со еден останат меч до крајот на квалификациите.
Казахстанците дури и поведоа со шокантен гол на Сатпаев уште во 9. минута. Иако „Ѓаволите“ израмнија преку Ванакен (48’), тие не успеаја да направат целосен пресврт. Хероите на Казахстан издржаа до крај, дури и со играч помалку по црвениот картон на Чесноков (79’).
Ова реми значи дека „лудата“ теорија за прво место сè уште е математички жива. Белгија (15 бода) сега има само два бода повеќе од нас (13). Ако тие во вторник неверојатно кикснат дома со Лихтенштајн, а ние го победиме Велс… Но, да бидеме реални и да се фокусираме на она што е главно.

2. Битката во Вадуц: Лихтенштајн одигра за нас!
Ова беше главниот настан за нас! Навивавме за „студентите и канцелариските работници“ да не бидат „вреќа за удирање“ и токму тоа го добивме!
Велс, со суспендираниот Крег Белами на трибините, брутално се измачи и победи САМО со 0-1!
Нашиот страв беше од 0-6 или 0-7, но „фајтерите“ од кнежевството одиграа херојска одбрана. Бункерот издржа цело полувреме, ВАР им поништи еден гол на Велшаните, пред Џордан Џејмс (62’) конечно да го скрши отпорот.
Што значи ова? Кристално јасно е!
Со овој резултат од 0-1, пресметката е едноставна:
Македонија (13 бода, +9 гол-разлика)
Велс (13 бода, +4 гол-разлика)
Поради нашата далеку подобра гол-разлика (+5 гола повеќе од Велс), ситуацијата е јасна:
Во вторник во Кардиф, на Македонија ѝ е доволно и НЕРЕШЕНО за да го обезбеди второто место во групата и подобар противник во ждрепката за баражот.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



