Бен Шелтон уште еднаш докажа дека Мелбурн е неговото омилено место за тенис. 23-годишниот Американец се пласираше во своето трето четвртфинале на Австралија Опен по победата над Каспер Руд со 3-6, 6-4, 6-3, 6-4, закажувајќи мега-пресметка против бранителот на титулата, Јаник Синер.
Разорни сервиси и „луда“ енергија
Шелтон, кој е познат по својата експлозивна енергија и левичарски сервиси, го заврши мечот во голем стил. Тој испука сервисен „проектил“ од неверојатни 228 км/ч во последниот гејм и запиша 14 асови. По мечот, тој ги повика навивачите на „Род Лејвер Арената“ уште посилно да го бодрат, потенцирајќи дека обожава кога атмосферата е „бучна“.
„Јас сум вистински натпреварувач кој сака врева на теренот. Вљубен сум во овој турнир уште од моето прво појавување тука во 2023 година. Знам дека вечерва сакавте да го гледате Новак, но се надевам дека не ве разочарав“, изјави Шелтон по мечот кој го доби со пресврт.
Пресвртот кој го скрши Руд
Иако Каспер Руд го доби првиот сет и изгледаше многу стабилно на свој сервис (освои 36 од 44 поени на свој почетен удар во еден период), сето тоа се сруши во финишот на вториот сет. Неколку клучни грешки на Норвежанецот му овозможија на Шелтон да се врати во игра, по што Американецот целосно го презеде моментумот.
Руд, кој чека вести од својата сопруга Марија (која е во поодмината бременост), вети дека веднаш ќе лета за Европа ако започне породувањето, па за него овој пораз можеби значи и побрзо враќање дома кај семејството.
Реванш против Синер: Шелтон сака одмазда!
Следната пречка за Шелтон е „невозможната мисија“ наречена Јаник Синер. Италијанецот го победи Шелтон во минатогодишното полуфинале во Мелбурн, па Американецот едвај чека нова шанса.
„Сакав да се вратам тука и да си дадам нова шанса. Сакав да ги поправам работите кои не ги направив добро минатата година. Се надевам дека навивачите ќе се вратат за два дена, бидејќи јас ќе бидам подготвен за борба“, порача Шелтон.



