Денешната ждрепка за плеј-офот на Лигата на шампионите само што го потврди она што сите го посакуваа – нов дуел меѓу Бенфика и Реал Мадрид! Само еден ден по најневеројатниот натпревар во модерната историја на ЛШ, овие два тима повторно ќе мора да ги вкрстат копјата во февруари.
Трубин го „урна“ Мадрид, Мурињо го „запали“ Лисабон!
Сè уште не се стивнати емоциите од трилерот на „Да Луж“. Во меч каде се одеше на сè или ништо, Бенфика славеше со 4:2, а херојот не беше напаѓач, туку голманот Анатолиј Трубин! Во 98-та минута, украинскиот џин влета во казнениот простор и со глава го матираше Куртоа за делириум во Лисабон.
Овој гол не беше само за победа, со овој погодок Мурињо го исфрли Реал од „Топ 8“ и ги принуди „кралевите“ да одат во плеј-оф, каде судбината ги спои токму со неговата Бенфика. За Мурињо, ова беше прва победа над својот поранешен клуб и веројатно најдрастичната порака до Мадрид во неговата кариера.
Мадридските „кралеви“ во депресија, Бенфика на крилја на еуфорија
Реал Мадрид го доживеа својот најголем кошмар. Од трето место на табелата, паднаа на деветтото и сега ќе мора преку „поправен испит“ да бараат осминафинале. Ниту 13-от гол на Килијан Мбапе не беше доволен да се спаси одбраната на Арбелоа, а фрустрацијата беше видлива – Реал го заврши мечот со само деветмина на теренот по исклучувањата на Асенсио и Родриго.
Сега, во февруари не очекуваат два нови натпревари исполнети со „крв и месо“. Дали Реал ќе се одмазди за понижувањето во Лисабон, или Мурињо има уште некој кец во ракавот за да го елиминира својот најголем ривал?



