Бенфика нема намера мирно да ја прифати суспензијата на својот талентиран фудбалер пред клучниот реванш со Реал Мадрид. Клубот од Лисабон преку официјално соопштение порача дека стои цврсто зад Џанлука Престијани, нагласувајќи дека неговото однесување отсекогаш било во согласност со највисоките спортски вредности.
„Целосна поддршка за верзијата на Престијани“
Од „Естадио да Луж“ се децидни дека младиот фудбалер не направил ништо погрешно и го изразија своето жалење за, како што велат, „кампањата за клевета“ на која бил изложен во изминатите неколку дена. Бенфика повтори дека Престијани во својата досегашна кариера покажал максимално почитување кон противниците и институциите.
Еузебио како симбол на инклузијата
Во својата одбрана, Бенфика повторно се повика на својата историја и вредностите на кои е основан клубот. Тие потенцираа дека еднаквоста, почитта и инклузијата се дел од нивниот идентитет, а најдобар доказ за тоа е легендарниот Еузебио – симболот на клубот кој е најголема икона на борбата против дискриминацијата.
Отворени за соработка, но со јасен став
Иако Бенфика изрази подготвеност за целосна соработка со УЕФА и транспарентност во истрагата, јасно е дека клубот смета дека одлуката за суспензија е прерана и неправедна. Со ова, притисокот сега се префрла на „Сантијаго Бернабеу“, каде во среда се очекува исклучително наелектризирана атмосфера.



