На само неколку часа пред почетокот на вечерашната кошаркарска пресметка во Скопје, селекторот на македонската сениорска репрезентација, Жозеп Марија Берокал, го скрати списокот и го одреди конечниот ростер од 12 кошаркари кои ќе истрчаат на паркетот против Кипар во рамките на втората фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Според очекувањата, во составот се најдоа Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт, кои им се приклучија на репрезентативните колеги во завршницата од подготовките и заедно со искусните домашни сили ќе го понесат главниот товар на овој клучен натпревар.
Конечниот состав на Македонија за дуелот против Кипар
- Ненад Димитријевиќ
- Виктор Ташовски
- Виктор Ефремовски
- Војдан Стојановски
- Лука Стојановски
- Адем Мекиќ
- Стојан Ѓуроски
- Резарт Мемед
- Тома Стојаноски
- Андреј Маслинко
- Дамјан Робев
- Мозес Рајт
Натпреварот меѓу Македонија и Кипар се игра вечерва со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје, а љубителите на кошарката ќе можат да го следат во директен пренос на МРТ 1. Со оглед на тоа што двете селекции влегуваат со по една победа против Австрија во групата Ф, вечерашниот триумф носи огромна предност на патот кон главните квалификации за Евробаскет 2029.






