Епскиот пресврт на Аргентина против Египет (3-2) во осминафиналето во Атланта нема да остане запаметен само по емотивните солзи на Лионел Меси, туку и по огромниот скандал и револт кој избувна во таборот на африканската репрезентација. Египќаните со тотален бес и сериозни обвинувања го напуштија Мундијалот 2026, тврдејќи дека се директно ограбени од судиите со цел актуелниот светски шампион да биде дотуркан до самата завршница.
Хасан удри по судиите и ФИФА
Селекторот на Египет, легендарниот Хосам Хасан, не штедеше зборови на официјалната прес-конференција, директно вперувајќи го прстот кон главниот судија Франсоа Летексие и притисокот кој врз него го вршеле аргентинските фудбалери. Хасан смета дека неговиот тим бил драстично оштетен во два клучни моменти: првиот кога при резултат 1-0 им беше поништен чист гол, а вториот во судиското продолжение кога не им беше досуден пенал непосредно пред Ензо Фернандез да го постигне победничкиот гол за Аргентина.
„На овој натпревар не видовме ниту почит, ниту фер-плеј. Еден чист гол ни беше поништен од чудни причини, а во финишот чист пенал за нас воопшто не беше ниту проверен во собата со ВАР (видео-асистент судија). Очигледно е дека аргентинската страна изврши огромен притисок врз судијата за да се дојде до овој исход. Животот и светот се неправедни, во ред, но зошто нема грам правда во спортот? Не го прифаќам овој резултат и начинот на кој се одвиваа работите на теренот“, изјави револтираниот Хасан, кој воедно го критикуваше и терминот на одигрување на мечот, нагласувајќи дека оној што делегира мундијалски натпревар во 12 часот напладне никогаш во животот нема шутнато топката.
Зико брутално искрен: Трофејот е резервиран за Аргентина
Уште поостар и подиректен во своите изјави беше стрелецот на головите за Египет, Мостафа Зико. Во изјава за канадската телевизија „ТСН“ веднаш по завршувањето на средбата, тој отворено порача дека ФИФА веќе има замислен победник на овој турнир.
„Ова беше тотална неправда од страна на судијата, сè беше премногу очигледно. Со неговите одлуки тој буквално го фрли во вода целиот наш труд. Водевме со 2-0 и бевме немоќни бидејќи против судијата не се може. Им се извинувам на сите граѓани на Египет, со сето срце сакавме да ги усреќиме, но картиве беа однапред наредени. Овој судија реши сè… Светскиот трофеј е директно насочен и наменет за Аргентина“, порача брутално искрениот Зико.



