Ракометниот клуб Вардар продолжува со стратегијата за зачувување на својот костур, а денешниот потпис е можеби најважниот во овој период. Еден од милениците на публиката и столбот на одбраната, Милан Лазаревски, ја продолжи верноста кон „црвено-црните“ за уште две сезони, со што ќе остане во клубот најмалку до 2028 година.
Столб на кој се гради новиот Вардар
Лазаревски се врати во Македонија и го облече дресот на Вардар во 2022 година, а оттогаш неговиот напредок е евидентен. Тој не само што стана стандарден репрезентативец, туку се профилираше во лидер чиј карактер и работна етика се пример за сите млади ракометари во клубот.
Неговата енергија, физичката моќ и бескомпромисната борба за секоја топка го направија еден од клучните фактори во системот на Вардар. Иако моментално е во процес на долекување на повредата (поради која го пропушта собирот на репрезентацијата), неговото останување е огромен поттик за тимот пред пролетниот дел од сезоната.
Вардар мисли на долги патеки
Овој потег е дел од поширокиот план на раководството за градење на тимот на подолг рок. По продолжувањето на договорот со Жуниор Тузолана (до 2027) и ангажманот на Бразилецот Жоао Педро Да Силва, задржувањето на Лазаревски е потврда дека Вардар сака да ги врати деновите на доминација со играчи кои „дишат“ за црвено-црните бои.
За навивачите во „Јане Сандански“, ова значи уште две години гледање на еден од најжестоките борци на линијата од шест метри, кој секогаш го остава срцето на теренот.



