Гостинска статија на Димитрие Маневски
Во текот на изминатиот викенд (14ти и 15ти Февруари) во просториите на билијард и снукер клубот „Гран Клуб“ во Скопје, се одржаа првите мастерс турнири од овогодинешното државно првенство во билијард во дивизиите „А“ и „Б“. Согласно натпреварувачкиот календар усвоен од Билијард Федерацијата, ова беа првите од планираните седум мастерси кои треба да се одржат во текот на 2026 година.
Во дивизијата „А“ учествуваат најдобрите 16 играчи од државата согласно ранкинг системот на федерацијата, додека на мастерсот од дивизијата „Б“ учество земаа дури 99 играчи од регистрираните клубови во Македонија.
Масовност во Дивизија „Б“: Струмички триумф во конкуренција од 99 играчи
Дивизијата „Б“ традиционално нуди голем број на неизвесни натпревари и низ годините зад нас докажа дека во неа нема фаворити и секогаш изобилува со изненадувања во резултатска смисла. Доказ за ова е фактот што на досега организираните 33 турнири од оваа дивизија, победите ги однесоа дури 22 различни играчи.
Во склад со оваа традиција, првиот мастерс турнир од првенството 2026 донесе нов, 23-ти различен победник, а тоа е Даниел Муканов од билијард клубот “Power Ball” од Струмица. 21 годишниот Даниел со одлична игра успеа да стигне до 7 победи и без ниту еден загубен меч го освои првиот трофеј оваа сезона. Тој на патот до финалето елиминираше неколку искусни и квалитетни играчи, меѓу кои беше и Самир Абдурамани кој зад себе има неколку освоени турнири, а во финалето се сретна со искусниот Игор Радичоски од билијард клубот „Лонгони“ од Битола, и со одлична игра под исклучителен притисок успеа да оствари победа од 6-4.
На овој турнир интересен куриозитет е што разликата помеѓу најмладиот и највозрасниот учесник беше 43 години, што претставува можеби и уникатен пример за едно државно спортско натпреварување. Дополнително радува фактот што на турнирот учествуваа претставници од клубови од 12 различни градови од Македонија, што уште повеќе говори за интегрираноста на целиот систем на натпревари.

Дивизија „А“: Судир на шампиони и „класик“ во полуфиналето
Мастерсот од дивизијата „А“, заради концентрацијата на квалитетни играчи, секогаш изобилува со исклучително многу квалитетни натпревари во кои љубителите на билијардот можат да уживаат во игра на највисоко ниво.
Ждрепката сакаше уште во првото коло да се сретнат двајцата актуелни државни шампиони, Андреј Ѓурчиновски од билијард клубот „Гран Клуб“ од Скопје, кој минатата година триумфираше во дивизијата „А“ и Мирсад Зекири од билијард клубот „Голден Балл“ од Тетово кој е актуелен шампион во дивизијата „Б“.
Претходното искуство во дивизијата „А“ се покажа како пресудно во овој меч и Ѓурчиновски забележа победа од 7-2. Повратникот во дивизијата „А“, Дејан Сипковски, кој воедно е најтрофеен играч во Македонија, во првото коло се сретна со минатогодишниот вице-првак Христо Василевски, и во крајно неизвесна игра забележа победа од 7-5. Овој пораз го префрли Василевски на т.н. „Lucky looser“ страна на жребот, каде по потешкиот пат тој успеа да стигне до финалната фаза на турнирот и да избори директен дуел со Ѓурчиновски. Овие двајца играчи во минатите 3 сезони беа главни ривали за освојување на титулата државен првак. Во 2023 и 2024 трофејот го освои Василевски, додека во 2025 поуспешен беше Ѓурчиновски.
Дуелот во ¼ финалето беше вистинска рефлексија на моменталната форма во која се наоѓаат двајцата играчи и победата заслужено му припадна на 15 годишниот Ѓурчиновски кој со резултат 7-2 обезбеди пласман во ½ финалето.
Во другиот дел од ждребот од самиот старт се издвои младиот 17 годишник, Илија Димовски, кој без поголеми проблеми и со убедлива игра успеа да се пласира во финалето, совладувајќи ги Зајкоски, Ицаноски и Весели.
Својот противник во финалето Димовски го чекаше од победникот на дуелот Сипковски – Ѓурчиновски, меч кој беше вистински „класик“. Во отворањето на мечот младиот Ѓурчиновски наметна доминантна игра и оствари значително водство од 6-2, што значеше дека му е потребна уште една победа за да се пласира во финалето. Но ова водство и убедлива игра не го поколеба искусниот Сипковски, кој уште еднаш покажа дека е вистински борец до самиот крај, и со одлична тактичка игра под притисок се врати во мечот и успеа да се избори за „мајсторка“ при резултат 6-6. Во последниот фрејм, почетниот удар го имаше Ѓурчиновски и по кратка тактичка размена успеа да стекне предност на масата и да ја однесе победата во овој меч.

Финале на тинејџерите: Ѓурчиновски ја потврди доминацијата
Финалето помеѓу Димовски и Ѓурчиновски беше до некаде очекувано заради одличната игра која овие двајца млади играчи ја демонстрираа во текот на целиот турнир. Во меч во кој имаше многу атрактивни потези и во кој двајцата играчи демонстрираа вистинска спортска зрелост, подобар беше Ѓурчиновски кој со овој триумф најави дека и во оваа сезона тој ќе биде главниот претендент за титулата државен првак.
Резултатот од 9-3 во финалниот меч покажува дека останатите ривали во дивизијата „А“ ќе треба да го подигнат своето ниво доколку сакаат да бидат конкурентни во сезоната пред нас, а секако времето ќе покаже дали младите Ѓурчиновски и Димовски ќе го задржат високото ниво кое го демонстрираа на отворањето на овогодинешното првенство.
Што следува?
Љубителите на овој спорт нема да чекаат долго за нова возбуда. Наредните мастерс турнири се закажани за 28-ми и 29-ти март, кога натпреварувачите повторно ќе ги одмерат силите во популарната дисциплина „9-ка“.



