Ракометна Битола денеска има причина за славење. Актуелниот македонски шампион, Еурофарм Пелистер, официјално го потврди ангажманот на македонскиот репрезентативен десен бек, Мартин Серафимов. Со овој потег, „зелено-белите“ продолжуваат со стратегијата за враќање на најдобрите домашни сили во редовите на клубот кој отсекогаш бил база на националниот тим.
Серафимов потпиша двегодишен договор и ќе му се стави на располагање на стручниот штаб од почетокот на сезоната 2026/27.
Инвестиција во македонски квалитет
Со ангажманот на 26-годишниот Серафимов, Пелистер добива играч во најдобрите ракометни години. Неговото искуство на меѓународна сцена со репрезентацијата на Македонија, како и настапите во домашниот шампионат, се гаранција за квалитет на десната бековска позиција.
„Нашиот клуб секогаш бил асоцијација за македонската репрезентација и во секој успех вградил многу свои членови. Затоа секој потпис на македонски репрезентативец многу ни значи. Со Мартин добиваме квалитет и инвестиција која веруваме дека ќе остави длабока трага во клубот и градот Битола“, стои во официјалното соопштение на Битолчани.
Од Скопје во „пеколот“ на „Боро Чурлевски“
Мартин Серафимов во Битола доаѓа од редовите на РК Алкалоид, каде под палката на Кирил Лазаров израсна во еден од најстабилните стрелци во Суперлигата. Претходно, тој го носеше дресот на Металург, каде што ги направи своите први посериозни ракометни чекори.
Преселбата во Битола за него претставува нов голем предизвик, со оглед на огромниот притисок и очекувања кои ги носи играњето пред најверната ракометна публика во Македонија – „Чкембарите“.
Официјална промоција во јули
Иако договорот е веќе потпишан, навивачите ќе почекаат уште малку за да го видат Серафимов во новиот дрес. Неговата официјална промоција е закажана за јули оваа година, непосредно пред стартот на летните подготовки за новата сезона, во која Пелистер повторно ќе цели на домашната двојна круна и забележителен настап во Европа.



