Битолчани се побунија против името на Васил Рингов на Градскиот стадион во Скопје!

 

Објавено:

Иницијативата на најтрофејниот македонски клуб Вардар за овековечување на името на легендарниот Васил Рингов на Јужната трибина на Националната арена, наместо обединување, донесе нов бран на ривалство. Додека „црвено-црните“ со многу емоции побараа достојна почит за мајсторот со број 11, од Битола стигна остар демант и револт.

Навивачките страници на Пелистер, предводени од влијателната „И моето дете ќе навива за Пелистер“, јавно се спротивставија на идејата државен објект да биде именуван по желба на еден клуб.

„Арената е национална, а не сопственост на Вардар“

Битолчани во својата реакција јасно ставаат до знаење дека иако го почитуваат името и кариерата на Рингов, Националната арена „Тодор Проески“ не смее да биде предмет на клупски иницијативи.

„Со цела почит кон името на Васил Рингов, но овој стадион е НАЦИОНАЛНА АРЕНА. Тој не е објект на еден клуб – таму кој сака да игра, си плаќа за тоа. Директорите на Вардар можат да поднесуваат барања за својот имот, за тренинг центри или слично, но за тоа што е ДРЖАВНО нема што еден клуб да одредува имиња“, стои во реакцијата од Битола.

Спорно е и името на Тодор Проески?

Дополнително масло на огнот долева и ставот на битолските фанови дека самото име на стадионот, крстено по најголемата македонска музичка ѕвезда Тодор Проески, не е соодветно за спортски објект. Според нив, името на Тоше повеќе му прилега на дом на културата или универзална сала, а постојаното преименување на трибините на секои 10-15 години го нарекуваат потег „надвор од здравиот разум“.

Вардар не отстапува: „Јужна“ е симбол на Рингов

Од друга страна, аргументите на Вардар за оваа иницијатива се длабоко вкоренети во историјата на „Градски“. Како што веќе објавивме, изборот на Јужната трибина не е случаен – тоа беше страната каде Рингов сакаше да игра за да биде во сенка, далеку од силното сонце. Со 97 голови во „црвено-црниот“ дрес и статус на идол на генерациите кои растеа на тој стадион, за Вардарци нема пологичен чекор од овој.

Останува да видиме како Владата и државните институции ќе одговорат на оваа иницијатива. Дали легендата ќе го добие својот споменик во сенка на Јужна, или ривалството меѓу вечните противници ќе го закочи овој процес?


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено