Во Кавадарци се случуваше вистинска драма на теренот и на трибините, но повторно како победници на “вечното дерби” излегоа Еурофарм Пелистер во дуелот против вечните ривали Вардар.
Вардарци цело лето не успеаја на пријателските мечеви да пронајдат решение за победа над Битолчани, а со тие проблеми клубот продолжи и на Суперкупот вечерва.
Со овој натпревар официјално стартуваше и новата ракометна сезона во Македонија, а Еурофарм Пелистер ја отворија сезоната онака како што ја затворија претходната – со победа над Вардар.

Скопскиот клуб има нов тренер на клупата за оваа сезона, хрватскиот легендарен играч Иван Чупиќ, но тие ќе мора да направат нешто посериозно доколку сакаат да претендираат на шампионската титула годинава.
Како скоро секогаш кога се среќаваат овие два клуба, мечот го одбележаа драми на трибините и на теренот. Уште од самиот старт натпреварот беше одложен поради битолските навивачи Чкембари кои беа сместени веднаш над Комитите, а и крајот не беше ништо помалку контраверзен. Еурофарм Пелистер победија со резултат 28-27 со гол во последните секунди, а тренерот на Вардар бурно изреагира на спорната судиска одлука, по што доби син картон од судиите.
Генерално натпреварот беше изедначен во текот на двете полувремиња, а Вардар дури и водеа со еден гол разлика на паузата, со резултат од 13-12. Водството претежно го имаа “црвено-црните”, а Битолчани го презедоа на неколку наврати, како и на самиот крај.



