После мечот вечерва на Националната арена “Тодор Проески” верните навивачи останаа и по завршувањето на мечот за да ги наградат со аплауз момците кои повторно оставија срце на терен, но видливо беше разочарувањето на нивните лица после ремито со Казахстан.
И токму тоа беше нашиот коментар одејќи си од натпреварот. Порано некој да ни го понудеше второто место зад Белгија ќе бевме пресреќни, а сега се разочаруваме и од реми. Нешто што покажува и докажува дека се научивме да победуваме. А, така и треба да биде.
Па, коментарот на селекторот Боби Милевски на прес-конференцијата беше токму тоа што голем дел од нас го мислевме: “Кога ќе видам дека сите се разочарани по реми, тоа ми кажува дека имаме карактер и квалитет”.

Тој ја презеде одговорноста и за стартот на натпреварот, во кој не влеговме најсигурно: “Да можам, би ја сменил почетната постава и дел од играчите. Не бевме изненадени од Казахстан, но имавме малку материјал за анализа. Планот беше да се наметнеме со одредена тактика, но не функционираше, па направивме замени уште на полувремето. Второто полувреме веќе беше она вистинското лице на Македонија. Миовски принудно играше на странична позиција, но бргу мораше да се направи корекција. Ако не го сменивме системот ќе морав да направам замена уште во 15-тата минута”.
Тој додаде дека тимот бил нервозен на стартот, што било резултат на големиот напор во мечот со Белгија: “Во првиот дел загубивме многу дуели и втори топки, но реакцијата во продолжението беше токму она што го очекував. Им честитам на фудбалерите – со играта во второто полувреме заслуживме победа, но фудбалот е понекогаш суров. Казахстан одигра одлично, но сепак ние бевме поблиску до триумф. Кога ќе видам дека сите се разочарани по реми, тоа ми кажува дека имаме карактер и квалитет. Во овие изминати 14 официјални натпревари сме без пораз и примивме само пет гола. Разочарувањето сега само покажува дека сме созреан тим. Во Кардиф ќе одиме да уживаме во фудбалот, а што ќе донесе тоа, ќе видиме”.




