Браво момци: Македонија ја прегази и Турција за пласман во главната рунда од мундијалските квалификации!

 

Објавено:

Футсал репрезентацијата на Македонија продолжи да гази на квалификацискиот турнир во Вилнус, Литванија. Откако вчера убедливо ја совладаа Бугарија, денеска избраниците на селекторот Газменд Хисејини одиграа уште еден феноменален натпревар и со 3:6 ја декласираа селекцијата на Турција.

Со оваа втора победа по ред, нашите футсалци и математички го обезбедија пласманот во главната рунда од квалификациите за Светското првенство, потврдувајќи дека се во извонредна форма.

Македонија го отвори натпреварот фуриозно. По само 91 секунда игра, Таулант Исмаили ја затресе турската мрежа за почетно водство од 0:1. Нашиот тим продолжи со доминацијата, па во 9-тата минута Тони Киревски зголеми на 0:2. Работите за Турција станаа уште полоши во 12-тата минута кога Бурак Угурлу си постигна автогол, носејќи ѝ на Македонија огромна предност од 0:3. До крајот на првото полувреме, Турците намалија преку Умур Агир (18′), но Марио Благоевски во 20-тата минута брзо врати за сигурни 1:4 пред заминување на одмор.

Во вториот дел, малото опуштање во нашите редови беше казнето. За само триесетина секунди во 26-тата минута, Бурак Угурлу постигна два брзи гола за Турција, намалувајќи ја негативата на алармантни 3:4. Сепак, тоа беше сигнал македонските репрезентативци да ја вратат концентрацијата и да покажат карактер.

Во 33-тата минута, Јакуп Рамадан постигна клучен погодок за 3:5, а на минута и пол пред крајот, одличниот Тони Киревски со својот втор гол на натпреварот ги постави конечните 3:6.

Во последното коло, кое на програмата е в недела со почеток во 16:00 часот, Македонија ќе се соочи со домаќинот на турнирот, Литванија. На нашите репрезентативци им е потребен само еден бод (нерешен резултат) за да го осигураат првото место во Групата Ц.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено