Светското клупско првенство е на половина од осминафиналните натпревари, а веќе почна да се зборува каде ќе биде следното издание. Државите како Бразил, Мароко, Шпанија и Катар веќе изразиле интерес да бидат домаќини во 2029 година.
Бразил
Бразилските клубови имаа одличен настап до сега на овој турнир, фановите беа присутни на трибините, а бразилската јавност е можеби најзаинтересирана за Светското клупско првенство, па логично е да посакаат да ги гледаат натпреварите и на домашен терен.
Клубовите од Бразил го гледаа ова првенство како шанса да му покажат на светот дека во нивните клубови играат фудбалери од врвна класа, кои можат да се носат со европските ѕвезди.
Бразилската фудбалска федерација веќе одржала состанок со ФИФА за да го изразат својот интерес, а претседателот на федерацијата. Сами Шауд изјави: “Претседателот Џани Инфантино беше многу среќен за нашиот интерес и кажа дека тоа е сосема возможно да се случи. Сега ќе работиме да го оствариме тоа. Тоа ќе биде одлична цел за нас”.

Мароко, Португалија и Шпанија
И африканските држави биле заинтересирани да бидат домаќини на следното Светско клупско првенство. Иако на стартот Мароко биле заинтересирани сами да го организираат турнирот, сепак на крајот решиле да настапат заедно со Шпанија и Португалија.
Како што пишува реномираниот “The Athletic”, претседателот на Фудбалската федерација на Мароко, Фузи Лекџа, изјавил дека неговата нација, заедно со Шпанија и Португалија, би сакала да бидат домаќини на овој турнир, една година пред да бидат ко-домаќини на Мундијалот.
Наводно, челниците на трите федерации веќе се сретнале во Лисабон, каде разговарале за можноста да го организираат овој турнир, како подготовка за Светското фудбалско првенство во 2030 година.

Катар
И Катар се вклучи во преговорите за организација на следниот турнир од ваков формат. Но, во тој случај, натпреварувањето би се случило во зима, поради високите летни температури, па повеќето клубови веќе изразуваат незадоволство од таквиот распоред.
Како што видовме досега, ФИФА не е многу заинтересирана за тоа што мислат играчите или тренерите, па шансите да се одржи ова првенство во Катар се и тоа како големи.
Ваквиот распоред можеби најмногу би одговарал на клубовите кои во тој период имаат пауза, но секако не би одговарал на европските лиги. На пример, бразилската Серија А се одржува од март до декември, а оваа година беше направена едномесечна пауза поради присуството на четири бразилски клубови на Светското клупско првенство во САД.




