Еден од најактивните клубови на трансфер пазарот, Астон Вила, продолжува со својата стратегија за ангажирање на најголемите светски таленти. Клубот од Бирмингем денеска официјално го потврди потписот на 19-годишниот Бразилец, Алисон, кој доаѓа од редовите на Гремио.
Унаи Емери доби ново засилување во офанзивата. Станува збор за еден од највозбудливите млади крилни напаѓачи во Јужна Америка, кој веќе го привлече вниманието на скаутите со своите настапи во бразилската Серија А.
Алисон е продукт на познатата академија на Гремио од Порто Алегре. Своето деби за првиот тим го имаше во јули 2024 година, а веќе минатата сезона стана незаменлив дел од тимот, запишувајќи дури 34 првенствени настапи. Неговата брзина, дриблинг и способност да прави разлика во дуелите „еден на еден“ беа клучните причини зошто Вила се одлучи да го донесе на „Вила Парк“.
Со овој трансфер, Астон Вила уште еднаш покажува дека сака да гради тим за иднината, носејќи играчи кои веднаш можат да се адаптираат на интензитетот на Премиер лигата. Навивачите со нетрпение очекуваат да го видат новиот бразилски бисер во акција под палката на Емери.



