БРЕЈКИНГ: Гоце Седлоски е нов селектор на Македонија!

Објавено:

Македонската фудбалска репрезентација доби нов предводник. Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе едногласна одлука – некогашниот капитен Гоце Седлоски е новиот селектор на „црвено-жолтите“!

Претходно Спортска Станица пишуваше дека веќе е донесена одлуката за Седлоски да биде заменик за Боби Милевски откако извршниот директор на ФК Вардар, Миленко Неделковски го објави својот „таинствен“ статус.

По предлог на Пандев и Новески

Одлуката за именување на Седлоски доаѓа по предлог на специјалната Комисија во која членуваа фудбалските великани Горан Пандев (директор на репрезентации) и Николче Новески, заедно со претседателот Масар Омерагиќ. Изборот на Седлоски, според ФФМ, се смета за логичен потег кој треба да донесе авторитет и нова енергија во националниот тим.

Првиот „стоткаш“ се враќа дома

Гоце Седлоски е синоним за борбеност и лојалност кон македонскиот дрес. Како фудбалер, тој беше првиот Македонец кој стигна до бројката од 100 настапи за репрезентацијата, постигнувајќи 8 голови. Неговото искуство е огромно, од капитенската лента во Динамо Загреб, до настапите во англискиот Шефилд Венздеј и австриски Матерсбург.

Докажан шампион на тренерската клупа

Седлоски не доаѓа само со име и презиме, туку и со богата тренерска биографија. Во својата кариера досега има освоено три шампионски титули во Македонија (две со Вардар и една со Шкупи), како и куп-титула со „црвено-црните“ во последната сезона. Тој веќе еднаш ја водеше Македонија како в.д. селектор во 2012 година (победа над Литванија 1:0), но сега ја добива целосната доверба да ја води репрезентацијата во нови предизвици.

Извор: https://www.ffm.mk

Промоција во вторник

ФФМ верува дека авторитетот на Седлоски ќе донесе потребна стабилност и напредок. Официјалната промоција на новиот кормилар е закажана за утре (вторник) во 11:30 часот во хотелот „Хилтон“ во Скопје, каде Седлоски ќе ги открие своите планови и визија за иднината на македонскиот фудбал.

Спортска Станица верува дека во време кога треба нашите момци од репрезентацијата да излезат на мегдан со Данска во баражот за Светското првенство, треба само да го поддржиме изборот на ФФМ и да му посакаме многу успех.

Дали Седлоски ќе се покаже како добра замена за Милевски во овој исклучително важен период за македонската селекција, останува да видиме. Ние сме пред сè големи поддржувачи на Македонија, па останува само да се надеваме на најдобриот можен резултат и историски пласман на нашиот прв Мундијал!


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено