Потврдено од сите релевантни извори, вклучувајќи го и најпознатиот фудбалски инсајдер Фабрицио Романо, Јувентус му врачи отказ на тренерот Игор Тудор! Одлуката доаѓа како очекувана последица на катастрофалната серија резултати што го втурна клубот во една од најдлабоките кризи во поновата историја.
Поразот од Лацио (1-0) викендов беше последната капка што ја прели чашата. “Старата дама” сега има три порази по ред во сите натпреварувања, нема победа на последните осум натпревари, а уште позагрижувачки е фактот што тимот нема постигнато гол на последните четири меча.
🚨⚪️⚫️ Igor Tudor has been personally informed about Juventus decision to sack him this morning.
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) October 27, 2025
Massimo Brambilla will be the interim coach ahead of club’s decision on new manager. pic.twitter.com/0wtcdPM5m8
Иронично, отказот доаѓа само неколку дена откако хрватскиот стратег дрско изјави дека неговиот страв од отказ е “нула” и дека воопшто не се грижи за својата иднина. Сепак, италијанските медиуми веќе пишуваа дека тој “зборува како веќе отпуштен тренер”, а неговата јавна критика кон играчот Андреа Камбијасо по мечот со Лацио само ги потврди шпекулациите за нарушени односи во соблекувалната.
Според “Gazzetta dello Sport” и “Sky Sport”, тимот привремено ќе го води тренерот на младинскиот тим (NextGen), Масимо Брамбила, кој ќе седи на клупата на натпреварот против Удинезе за два дена.
Тудор беше назначен во март 2025 година како замена за Тијаго Мота, но не успеа да го исполни условот во договорот: пласман во топ 4 и обезбедување место во Лигата на шампионите.
Веќе се шпекулира со имињата на неговите можни наследници. Како главни кандидати се споменуваат тројца искусни италијански стратези:
- Лучијано Спалети, кој е слободен по заминувањето од клупата на италијанската репрезентација.
- Роберто Манчини, кој ја заврши својата авантура како селектор на Саудиска Арабија.
- Рафаеле Паладино, кој важи за помлад профил, но со добри резултати во Монца и Фиорентина.
Целата ситуација во Торино најдобро ја опиша легендата на клубот, Марко Тардели: „Алегри си отиде, Мота си отиде, а и Тудор ќе си оди ако загуби. Можеби клубот е збунет. Можеби сопственикот на Јувентус не знае каде припаѓа. Почнуваат да го преиспитуваат и Андреа Ањели, бидејќи тој беше некој што го сакаше Јувентус“.
Оваа изјава сугерира дека проблемите во гигантот од Торино се многу подлабоки од само тренерското прашање.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



