(Видео) Брентфорд со прво гостинско славје ја продлабочи кризата на Вест Хем

Објавено:

Брентфорд ја прекина својата црна серија на гости и му приреди тежок дебитантски пречек на Нуно Еспирито Санто во Лондон. “Пчелите” го совладаа Вест Хем со 0-2 на “Лондон стадиум” и му го нанесоа деветтиот пораз на тимот што веќе сериозно гледа кон зоната за испаѓање.

Гостите беа подобри во секој сегмент од играта и сосема заслужено поведоа во 43-та минута. Од една долга топка, одбраната на Вест Хем повторно затаи, а Игор Тијаго со малку среќа го совлада Ареола, кој иако ја допре топката, не успеа да ја запре.

Брентфорд можеше да го реши натпреварот уште во првиот дел кога Тијаго постигна уште еден погодок, но беше поништен поради офсајд, а гостите дури 15 пати шутираа кон голот во првите 45 минути.

Нуно реагираше со три замени на полувремето, но ниту тоа не донесе промена. Вест Хем делуваше безидејно, без притисок и без желба. Единствен блесок беше соло-пробивот на Крисенсио Сомервајл и еден удар на Боуен, но тоа беше премалку.

Брентфорд пак, продолжи во исто темпо. Шаде со глава ја погоди пречката, а кога сите очекуваа крај, Матијас Јенсен во 94-та минута ја запечати победата со силен удар под гредата за прв гостински триумф оваа сезона и за вистинско славје на клупата на Кит Ендрус.

Брентфорд имаше 58% посед и дури 22 удари кон голот, бројки кои зборуваат за целосна доминација. Џордан Хендерсон беше маестрален во средината на теренот, а долгите топки на Кајоде создаваа постојана опасност пред голот на домаќините.

За Вест Хем, ова беше вечер на револт и разочараност. Празни седишта и свирежи ја придружуваа уште една безидејна партија на тимот кој очигледно не може да се пронајде ниту под нов тренер. Навивачите повторно упатија незадоволство кон раководството на клубот, барајќи оставки од Дејвид Саливан и Карен Брејди.

Нуно, кој дојде само пред неколку недели со цел да го стабилизира тимот, сега се соочува со сурова реалност, Вест Хем е 19-ти, без самодоверба и со јасна порака од трибините: ако нешто не се промени наскоро, следи борба за опстанок.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено