Големиот колапс во последното коло од Серија А и губењето на местото во Лигата на шампионите веднаш донесоа брутална разврска во таборот на АЦ Милан. Сопственикот на клубот и прв човек на фондот „РедБерд“, Џери Кардинале, ја реализираше најавуваната чистка и со официјално соопштение ги разреши сите клучни луѓе во спортскиот и менаџерскиот сектор, карактеризирајќи ја сезоната како „недвосмислен неуспех“.
Во клубот преживеа единствено специјалниот советник Златан Ибрахимовиќ, кој сега заедно со Кардинале ќе ја преземе одговорноста за комплетно реструктуирање на италијанскиот гигант.
„Понеделнички масакр“ во Милано: Четири отпуштања со едно соопштение
Она што италијанските медиуми го најавија како „Понеделнички масакр“, клубот го потврди попладнево. Со едно единствено и исклучително директно писмо објавено на официјалниот веб-сајт, Милан ги раскина договорите со извршниот директор Џорџо Фурлани, спортскиот директор Игли Таре, техничкиот директор Џефри Монкада и шефот на стручниот штаб, Максимилијано Алегри.
На „Росонерите“ им беше потребен само еден бод на домашен терен против Каљари за да го заверат четвртото место, но шокантниот пораз од 1:2 на „Сан Сиро“ и победата на Комо ја уништија целата напорна работа во текот на годината.

Официјално соопштение на АЦ Милан:
„По разочарувањето од минатата година, мандатот што сопствениците го поставија пред клубот беше враќање во Лигата на шампионите и поставување темели за континуирани победи во врвот на Серија А.
Во поголемиот дел од оваа сезона бевме на првите две позиции на табелата, со реална шанса да се бориме за Скудетото. Финалниот дел од шампионатот беше целосно неконзистентен со дотогашните перформанси, а синоќешниот разочарувачки пораз во последниот натпревар ја претвори сезоната во недвосмислен неуспех.
Време е за промени и за сеопфатна реорганизација на фудбалските операции. Одлуката стапува на сила веднаш“.
Крај на патот по само 12 месеци и целосен рестарт
Со оваа одлука, ерата на Максимилијано Алегри и Игли Таре во Милано завршува по само нецела година, откако двајцата пристигнаа минатото лето. Алегри го предводеше тимот на 42 официјални натпревари оваа сезона, остварувајќи биланс од 22 победи, 10 реми средби и 10 порази.
Изненадување е и заминувањето на Џефри Монкада, кој работеше во клубот како главен скаут уште од 2018 година пред да биде промовиран во технички директор во 2023 година. Од друга страна, разрешувањето на извршниот директор Џорџо Фурлани доаѓа откако Кардинале целосно го рефинансираше заемот кон поранешните сопственици „Елиот Менаџмент“, кои Фурлани директно ги претставуваше во бордот уште од 2019 година.
Милан најави дека новите назначувања на функциите извршен директор, спортски директор и нов шеф на стручниот штаб ќе бидат објавени наскоро, со цел тимот максимално подготвен да ги пречека подготовките за следната натпреварувачка сезона.



