Повторно англиска драма во Њукасл – Александар Исак сака да ја напушти екипата на Њукасл Јунајтед! Како што објавува “The Athletic”, шведскиот напаѓач побарал да не биде дел од претсезонските подготовки, што фрла сенка врз иднината на “страчките” на самиот праг на новата сезона.
Иако клубот официјално тврдеше дека Исак останал дома поради мала повреда на бутниот мускул, неколку извори блиски до ситуацијата откриваат дека самиот играч побарал да не патува, во очекување да се расчисти неговиот статус.

Веќе некое време, Ливерпул е во контакт со тимот на Исак, а се шпекулира за потенцијален трансфер вреден околу 120 милиони фунти. Сепак, Њукасл останува цврст во ставот дека тој не е на продажба. Барем засега.
Исак, кој минатата сезона постигна 27 гола во сите натпреварувања, е најголемата ѕвезда на тимот од Сент Џејмс Парк и играчот со најмногу голови по Мохамед Салах во Премиер лигата. Неговото заминување би било вистински удар за тимот кој се обидува да се стабилизира по бурно лето.
Ако Исак навистина инсистира на заминување, тогаш Еди Хау ќе се соочи со сериозен проблем – како да го врати неговиот фокус и мотивација, ако сепак остане? Доволна психолошка нестабилност на стартот на сезоната може скапо да ги чини “црно-белите”.
Покрај тоа, по заминувањето на Калум Вилсон, Њукасл практично нема втор класичен напаѓач. Младиот академец Шон Нив (18) е следниот во ред, а суровиот Вил Осула покажа дека сè уште не е подготвен да го носи товарот во нападот.
Клубот ги промаши и целите Лиам Делап и Хуго Екитике, а преговорите со Брентфорд за Јоан Виса се во ќорсокак поради високата цена на Конгоанецот.
Ако Исак замине Њукасл не само што ќе изгуби еден од најдобрите напаѓачи во Европа, туку ќе остане и без јасен план Б. А, ако остане со незадоволна ѕвезда во тимот, ризикуваат токсична атмосфера која ќе влијае на целиот тим.
Второ лето по ред Њукасл се соочува со сериозен предизвик. Прашањето е – има ли план како да излезат од него?