Вардаровите навивачи можат да почнат да се смешкаат, „црвено-црната“ машинерија се загрева за враќање на старите патеки! Иако сезоната е во полн ек, во канцелариите на Вардар 1961 веќе се работи на составување на моќен тим за идната сезона, а првото големо име е веќе договорено.
Српска „хаубица“ на голот
Како што се зборува низ ракометните кулоари, нов чувар на мрежата на Вардар од идната сезона ќе биде српскиот репрезентативец Милан Бомаштар! Станува збор за 26-годишен голман, висок 201 сантиметар, кој моментално го брани голот на француски Шартр.
Овој потег доаѓа откако пропаднаа преговорите со Никола Портнер поради високата отштета што ја бараше Магдебург. Но, Бомаштар не е утешна награда, тој е еден од најталентираните српски голмани, со искуство во Шпанија (Адемар Леон) и Шведска (Шевде).
Воркапиќ, Да Силва… и Душебаев?!
Но, тоа не е сè! Вардар повторно станува „српска колонија“. Покрај Бомаштар, договорени се и десното крило Вукашин Воркапиќ (од Војводина) и средниот бек Жоао Педро Да Силва.

А сега, најлудиот муабет: Низ чаршијата се шушка дека Вардар „флертува“ со својот поранешен миленик, Алекс Душебаев! Шпанецот на лето ја завршува својата ера во Келце, а „Комитите“ сонуваат за негово враќање во Скопје. Дали е ова реалност или само пуста желба, ќе покаже времето.

Во игра е и хрватскиот „бомбардер“ Леон Љевар од Слован Љубљана. Едно е јасно – Вардар прави тим за Лига на Шампиони!



