Поранешниот капитен и тренер на Барселона, Чави Хернандез, во својата најнова авторска колумна за престижниот „The Athletic“ отвори душа и зборуваше за феноменот Лионел Меси. Инспириран од неверојатните настапи на 39-годишниот Аргентинец на Светското првенство во 2026 година, Чави го сподели своето восхитување за долговечноста и генијалноста на својот поранешен соиграч.
За Чави, дебатата за најдобриот на сите времиња е одамна затворена. Тој отворено го нарече Меси „Мајкл Џордан на фудбалот“, потенцирајќи дека неговата способност да биде на самиот врв цели 20 години го прави апсолутно неспоредлив со било кој друг великан од минатото.
Откако Меси неодамна постигна спектакуларен хет-трик против Алжир на Мундијалот, Чави откри дека веднаш му испратил приватна порака.
„Му пишав дека е вистинска шега и дека можам само да се смеам кога гледам што прави на теренот. Тоа се луди, луди работи. Но, тоа е Лео. Секогаш се појавува во вистинскиот момент. За мене, тој е неспоредлив. Речиси како да не е човек“, истакна Чави за „The Athletic“.
Шокот во Ла Масија и срамежливото момче
Шпанскиот маестро се присети и на самите почетоци на Меси во Барселона. Иако младинските тренери му најавувале дека доаѓа „чудо од дете“, Чави бил скептичен сè до нивниот прв заеднички тренинг во 2004 година.
Тој открива дека целата соблекувална била шокирана. Ѕвезди како Пујол, Валдес, Деко и Роналдињо едноставно се погледнувале меѓу себе во неверување, бидејќи 16-годишниот Меси уште на првиот тренинг покажал дека е најдобриот играч во клубот.
Но, надвор од теренот, сликата била сосема поинаква. Чави сподели една неверојатна анегдота од нивната заедничка турнеја во Азија кога делеле иста хотелска соба. Младиот Меси бил толку интровертен и срамежлив, што буквално му барал дозвола на Чави само за да го вклучи телевизорот, на што Шпанецот морал да му објасни да се опушти и дека нема потреба да му се правда за такви работи.
Гениј кој скенира и решава натпревари сам
Во интервјуто, Чави ја анализираше и моменталната игра на Меси. Иако многумина критикуваат дека Аргентинецот премногу пешачи на теренот, Чави објаснува дека тоа е неговото најголемо оружје. Според него, додека Меси „шета“, тој всушност постојано го скенира теренот, пресметува каде се движат противничките дефанзивци и каде се отвора слободниот простор.
Запрашан за неговиот омилен момент од нивната заедничка ера, Чави без двоумење го посочи полуфиналето од Лигата на шампионите во 2011 година против Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“. Тогаш Жозе Мурињо намерно ја оставил тревата подолга за да ја умртви играта на Барселона. Натпреварот бил тврд и без фудбалска убавина, сè додека Меси не ја зел топката, не поминал четворица играчи на Реал (Дијара, Алонсо, Албиол и Рамос) во стилот на Марадона и не го решил натпреварот сам.
— FC Barcelona (@FCBarcelona_es) March 30, 2020
„Јас играв до 39 години, но тогаш веќе бев во Катар и одамна пензиониран од репрезентацијата. Лео ја има таа возраст сега, но кога го гледате, тој е потполно истиот. Неговите нозе се движат исто. Секој друг би се пензионирал по освојувањето на Мундијалот во 2022 година, но тој е такво натпреварувачко животно. Немам сомнеж дека Аргентина ќе оди далеку и дека допрва ќе го гледаме најдобриот Меси на овој турнир“, заклучи Чави во својата колумна.



