Башкими од Куманово ја одигра можеби најдоминантната партија оваа сезона и целосно го надигра Шкупи со убедливи 4–1, во натпревар што уште од првата минута имаше само еден правец кон голот на гостите.
Домашните влегоа во мечот со јасна намера да ја решат работата уште во раната фаза. Во петтата минута, Филип Алексоски проби од десната страна и го пронајде Ајдоган, чиј обид беше блокиран. Само неколку секунди подоцна, улогите се сменија, Ајдоган врати со асистенција до Алексоски, кој ја затресе мрежата. Судијата првично го поништи голот поради офсајд, но ВАР го коригираше, па Башкими поведе со 1:0.
Шкупи одговори преку Ардит Дестани, кој имаше две одлични шанси во 20-тата и 22-та минута, но голманот Стојковски беше совршено поставен и го сочува водството.

На спротивната страна, Кумановци не простуваа. Во 26-тата минута, Марко Симоновски реализираше по одлична акција започната од левата страна преку Аворнио, зголемувајќи на 2:0 и покажувајќи ја класата на вистински стрелец.
Шкупи доби надеж во 39-та минута, кога судијата покажа на белата точка по играње со рака на Мислими. Ерион Шуку беше прецизен за 2:1, но радоста траеше кратко. Во последните моменти од првото полувреме, Емануел Аворнио со фантастичен соло-продор од левата страна погоди за 3:1 и ја врати двојната предност на Башкими.
Во второто полувреме, сликата остана иста. Башкими доминираше со игра и ритам, а Симоновски и Алими создаваа постојана закана пред голот на Мелиќи. Во 55-тата минута, Недим Хаџиќ ја заокружи фуриозната вечер на Кумановци со погодок за 4:1.
До крајот, и двете екипи имаа свои шанси, но резултатот остана непроменет. Голманот Мелиќи спречи поубедлив пораз за гостите, а Башкими со оваа победа го зацврсти петтото место на табелата.
Шкупи, пак, продолжува да тоне, по десет кола останува закован на последното место со само еден бод и без најава дека кризата наскоро ќе запре.


