Кјеза пак го одби Гатузо: Ѕвездата на Ливерпул не сака да игра за Италија

Објавено:

Федерико Кјеза повторно кажа „не“ на италијанската репрезентација. Иако селекторот Џенаро Гатузо го имаше во план за ноемвриските квалификации со Молдавија и Норвешка, крилото на Ливерпул одлучи да го одбие повикот, по којзнае кој пат во последната година и пол.

Гатузо потврди дека одлуката е целосно на играчот: „Често зборувам со него. Мораме да ги почитуваме одлуките и проблемите што секој од нас ги има. Добро знаеме што си кажуваме еден на друг и морам да го почитувам тоа“, изјави селекторот. „Да, тоа е веќе четврти или петти пат што го објаснувам ова“.

Кјеза, кој минатото лето пристигна во Ливерпул, не одиграл ниту еден натпревар за Италија од Европското првенство 2024, кога „азурите“ беа елиминирани во осминафиналето од Швајцарија.

Извор: https://www.liverpoolfc.com

Иако имаше позитивен старт во Англија и се очекуваше повторно да биде дел од репрезентацијата, тој повторно избра да остане во клубот и да тренира на „Мелвуд“ за време на репрезентативната пауза.

Некои медиуми во Италија тврдат дека Кјеза едноставно не сака да ризикува нова повреда на натпревари без голема важност. Откако во финалето на ЕУРО 2020 се здоби со сериозна повреда, 28-годишниот напаѓач имаше дури 18 различни повреди во последните четири сезони. Минатата сезона пропушти 14 натпревари, а оваа конечно изгледа здрав, со 8 настапи и 2 гола во Премиер лигата.

„Зошто би ризикувал сè за две пријателски средби со Молдавија и Норвешка?“, коментираат италијанските новинари.

Од перспектива на Ливерпул, ова е добра вест: Кјеза останува во форма и достапен за клубот. Но, за Италија, неговото постојано отсуство станува сè поголем проблем, особено кога се обидуваат да се вратат на Светското првенство по пауза од повеќе од една деценија.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено