Јапонското Гран-при во Сузука донесе историски пресврт во Формула 1 шампионатот. Младиот Италијанец Кими Антонели со болидот на Мерцедес стигна до својата втора последователна победа, искористувајќи го хаосот што го предизвика безбедносното возило, за да стане најмладиот лидер во генералниот пласман во историјата на овој спорт.
Од катастрофален старт до совршена тактика
Иако тргна од пол-позицијата, 19-годишниот Антонели имаше очаен старт со многу проклизување, поради што до крајот на првиот круг падна на шестото место. Трката во раната фаза ја контролираше Оскар Пијастри во Мекларен, пред Џорџ Расел и двоецот на Ферари.
Watch the race start 🎥
— Formula 1 (@F1) March 29, 2026
A brilliant getaway for Piastri 💨#F1 #JapaneseGP pic.twitter.com/NAUfrshrc6
Сепак, сè се смени во 22-от круг кога Оли Берман доживеа страотен судир со силина од 50G во бариерите на свиокот „Spoon“. Младиот Британец за среќа помина само со модринки на коленото, но инцидентот го извади безбедносното возило на патеката. Антонели и Хамилтон беа единствените од водечките кои сè уште не беа во бокс, што им овозможи „бесплатно“ менување гуми и избивање на чело на колоната.
Here’s the moment Bearman went into the barriers at Spoon #F1 #JapaneseGP pic.twitter.com/XmurXApWkp
— Formula 1 (@F1) March 29, 2026
Битка за подиум: Леклер го „скрши“ Расел
Додека Антонели недостижно грабеше кон победата со предност од над 13 секунди, вистинската драма се одвиваше во борбата за последното место на подиумот. Шарл Леклер и Џорџ Расел приредија неколку фантастични претекнувања, особено во првиот свиок каде Леклер со огромна храброст успеа да ја врати третата позиција и да го одбрани подиумот за Ферари.
Оскар Пијастри заврши како втор, но во тимот на Мекларен остана горчлив вкус бидејќи тајмингот на безбедносното возило веројатно ги чинеше победа. Расел мораше да се задоволи со четвртото место, пред Ландо Норис и Луис Хамилтон.
Кошмар за Верстапен во Јапонија
Четирикратниот шампион Макс Верстапен ја продолжи својата агонија. По слабите квалификации, Макс во трката не успеа да се пробие напред и заврши на разочарувачкото осмо место. Тој во финишот водеше жестока битка со Пјер Гасли, кој успеа да го одбрани седмото место за Алпин. Ова е најнизок пласман за Верстапен во последните две години.
Поени во Сузука освоија уште и Лијам Лосон (9-ти) и Естебан Окон (10-ти), додека Ленс Строл се повлече поради дефект на болидот на Астон Мартин.
Конечен поредок – ГП Јапонија:
| Позиција | Возач | Тим |
| 1 | Кими Антонели | Мерцедес |
| 2 | Оскар Пјастри | Мекларен |
| 3 | Шарл Леклер | Ферари |
| 4 | Џорџ Расел | Мерцедес |
| 5 | Ландо Норис | Мекларен |
| 6 | Луис Хамилтон | Ферари |
| 7 | Пјер Гасли | Алпин |
| 8 | Макс Верстапен | Ред Бул |



