Њујорк Никс ја отворија финалната серија на Источната конференција со еден од најголемите и најспектакуларни пресврти во историјата на НБА плејофот. Носени од фанатичната публика во „Медисон Сквер Гарден“, Никс успеаја да надоместат нестварна негатива од 22 поени во последната четвртина и по продолжение да го совладаат Кливленд Кавалирс со 115:104 за водство од 1:0 во серијата.
Ова е осма победа по ред за тимот од Њујорк во овогодинешниот плејоф, кој сега е на само три триумфи до своето прво големо НБА финале по далечната 1999 година.
Брансон во „МВП“ режим го уништи Харден
По фантастичните први две рунди, Никс изгледаа комплетно „’рѓосано“ по паузата која ја имаа од 10 мај. На нецели осум минути пред крајот на мечот, Кливленд водеше со убедливи 93:71 и се чинеше дека сигурно чекори кон брејк. Но, тогаш на сцена стапи нестварниот Џејлен Брансон, кој го заврши мечот со 38 поени.
Брансон немилосрдно го напаѓаше Џејмс Харден во изолација, со што иницираше фуриозна серија од 18:1 за враќање на неговиот тим во игра. Токму Брансон, на 19 секунди пред крајот на регуларниот дел, погоди за израмнување на 101:101. Во дополнителните пет минути, Њујорк експлодираше со серија од 9:0, правејќи тотален делириум на трибините.
Историски камбек и враќање на Ануноби
Покрај Брансон, одличен меч одигра Микал Бриџис со 18 поени, додека Карл-Ентони Таунс забележа моќен дабл-дабл учинок со 13 поени и 13 скокови. Огромна инјекција за тимот во финишот беше и враќањето на ОГ Ануноби, кој по пропуштени два меча поради повреда на задната ложа, постигна 13 поени и заврши клучна дефанзивна работа кога се кршеше резултатот. Кај Кавалирс најефикасен беше Донован Мичел со 29 поени, но неговиот тим комплетно капитулираше под притисокот во финишот.
Ова е втор најголем пресврт во четвртата четвртина во последните 30 години во НБА доигрувањата (единствено Клиперс се вратија од -24 против Мемфис во 2012 година). Никс ја избришаа ланската траума кога во првиот меч од конференциското финале прокоцкаа +14 против Индијана на домашен терен, па сега со огромна психолошка предност го очекуваат вториот натпревар, кој се игра веќе во четврток навечер, повторно во Њујорк.



