Партизан доживеа вистински дебакл на домашен терен, губејќи од Макаби Тел Авив со убедливи 87-112. Овој пораз не само што го расипа дебито на новиот тренер Жоан Пењароја, туку влезе и во историјата на клубот како натпревар со најмногу примени поени во Евролигата.
Од одличен старт до целосен распад
Натпреварот започна ветувачки за Белграѓани. Предводени од новото засилување Кем Пејн, кој постигна 12 поени во воведниот период, Партизан имаше предност од 28-17. Но, тоа беше сè што видовме од домашниот тим. Макаби одговори брутално, правејќи целосен пресврт уште до полувремето (44-58), а во четвртата четвртина предноста на гостите достигна неверојатни „плус 36“ (65-101).
Историски срам за само една недела
Ова е втора недела по ред како Партизан соборува сопствен негативен рекорд по бројот на примени поени. Откако во претходното коло примија 109 поени од Жалгирис, синоќа таа бројка се искачи на 112, што е најслабо дефанзивно издание на клубот во елитното натпреварување.
За Макаби ова беше петта победа по ред, а Лони Вокер со 20 поени беше незапирлив за одбраната на Партизан. Кај домашните, Кем Пејн заврши со 15, а Стерлинг Браун додаде 12 поени, но тоа беше премалку за да се избегне катастрофата.
Со овој пораз Партизан падна на скор 6-12, додека Макаби се искачи на 8-10 и сериозно гледа кон горниот дел од табелата.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



