Кошаркарите на Париз конечно ставија крај на агонијата и по шест последователни порази во Евролигата, славеа убедлив триумф над Црвена Звезда со 102-92. Францускиот претставник покажа моќ кога беше најпотребно, додека за белградскиот тим ова е шести пораз во последните девет натпревари во елитното друштво.
Домаќинот уште од првата четвртина наметна убиствено темпо, но клучниот удар се случи во третиот период. Иако Звезда се обиде да се врати, Париз одговори со неверојатна серија од 20-3, со која отиде на недостижни +21 пред почетокот на последната четвртина.
Во победничкиот состав дури петмина играчи беа двоцифрени, а листата ја предводеше Џастин Робинсон со 16 поени. На спротивната страна, залудна беше феноменалната партија на Џаред Батлер, кој постигна рекордни 31 поен. Поддршката од Милер-Мекентаер (18) и Монеке (17) не беше доволна за да се запре расположениот домаќин кој едноставно ја „торпедираше“ одбраната на црвено-белите.



