Дали ФИФА е ултимативниот трол? Совршен одговор на нападот од фановите на Роналдо!

Објавено:

Вчерашната „војна“ меѓу администраторите на ФИФА и фановите на Роналдо заврши со победа на оние првите. Со потег кој веднаш беше распознаен од сите освен од поддржувачите на Роналдо, тие ги натераа интернет корисниците да им го дадат најголемото признание на Твитер: Трол кралеви!

Но, ајде да почнеме од почеток за оние кои не ја следеа ситуацијата… Најпрво ФИФА објави постер со написот „48 држави, 1 сон“. На постерот имаше претставници од сите држави кои учествуваа на последното Светско првенство, но она што веднаш им стана „трн во око“ на поддржувачите на Кристијано Роналдо, беше тоа што Бруно Фернандеш беше оној кој беше ставен како претставник на Португалија.

Идејата на ФИФА да го исклучат во првичниот постер Роналдо, најверојатно доаѓа токму од неговото неодамнешно интервју со Пирс Морган, во кое тој изјави дека „Освојувањето на Светското првенство повеќе не е негов сон“, а интернет корисниците тоа директно го поврзаа и со самиот текст на објавата каде јасно е истакнат зборот „сон“.

Поддржувачите на Роналдо веднаш рипнаа да ја напаѓаат ФИФА за исклучувањето на нивниот миленик од постерот во коментарите, по што администраторите ја избришаа објавата со постерот.

И кога осамна новиот постер, фановите на Кристијано Роналдо почнаа да ликуваат за нивната победа врз администраторите на ФИФА. Но… тука се другите корисници кои веднаш ги забележаа „ситниците“ во новиот постер.

Имено, на него сега го има Роналдо, но исто така е вклучен и Меси со доминантна централна фотографија на која го држи трофејот. И ако ова е можеби очигледно возвраќање, тука е и голот со глава на Јусеф Ен Несири од Мароко со кој Португалија беше исфрлена од првенството. Уште еден детаљ е и фотографијата на Букари од Гана, кој ја прави славната прослава „Сиуууу“ на Роналдо, откако погоди против нив. Описот овој пат вели „Кој е вашиот омилен момент од Катар?“, што многумина го сфатија дека се однесува токму на гореспоменатите промени во дизајнот.

И сето тоа се случуваше додека Кристијано Роналдо беше на вечера во Белата Куќа, токму со претседателот на ФИФА Џани Инфантино и американскиот претседател Доналд Трамп.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено