Два натпревари, два различни света.
Во четвртокот, Кристијано Роналдо го доби својот прв црвен картон во 226 настапи за Португалија, а неговиот тим беше поразен од Ирска со 2-0. Само три дена подоцна, во неделата, суспендираниот Роналдо гледаше од дома како неговата репрезентација, без него, ја „распарчи“ Ерменија со 9-1 и го завери директниот пласман на Светското првенство 2026.
Оваа секвенца беше како „керозин на оган“ за дебатата која тлее уште од Катар 2022: Дали Португалија, колку и да звучи еретички, е всушност подобра без својот најголем играч на сите времиња?
Статистиката што ги „храни“ хејтерите
Оние кои веруваат дека времето на Роналдо е поминато, веднаш ги извадија бројките. И тие, на прв поглед, изгледаат шокантно. Од крајот на СП 2022, Португалија одиграла 36 натпревари, 30 со Роналдо и 6 без него.
Еве ја споредбата:
- Португалија СО Роналдо (30 меча):
- Процент на победи: 70%
- Просек на голови: 2.2 по натпревар
- Примени голови: 0.76 по натпревар
- Португалија БЕЗ Роналдо (6 меча):
- Процент на победи: 66.6%
- Просек на голови: 4.8 по натпревар!
- Примени голови: 1.3 по натпревар
Да, добро прочитавте. Скоро 5 гола по натпревар кога 40-годишникот не е на теренот. Ова изгледа како јасен доказ дека тимот игра послободно и поефикасно без него.
Зошто статистиката (овојпат) лаже?
Но, како што знаеме, статистиката често е како бикини, го покажува интересното, но го крие суштинското.
Проблемот е во малиот примерок. Тие шест натпревари „без Роналдо“ вклучуваат и уште еден „тренинг“ натпревар против Луксембург во 2023 година, кој Португалија го доби со 9-0. Тој еден меч сам по себе го дига просекот на голови во небо и ја прави целата споредба бесмислена.
Реалноста е дека и по Катар, Роналдо е гол-машина: има постигнато 25 гола на 30-те натпревари на кои играл.
Мартинез стави точка на дебатата: „Подобри сме со него!“
По убедливата победа од 9-1 над Ерменија, новинарите неизбежно го прашаа селекторот Роберто Мартинез – дали тимот игра подобро без својот капитен?
Одговорот на Шпанецот беше дециден и јасен:
„Подобри сме со Роналдо, Нуно Мендеш и Педро Нето. Најважно е да имаме доверба и јасна идеја дека можеме да победиме и кога одредени играчи не се во стартните XI“, изјави Мартинез.
Тој го отфрли притисокот, велејќи дека поразот од Ирска бил од „психолошки аспект“, а не тактички проблем.
Иако Роналдо најверојатно ќе го пропушти првиот меч на Мундијалот поради суспензијата, јасно е дека Мартинез нема дилеми. Дебатата може да продолжи по социјалните мрежи, но во соблекувалната на Португалија, таа е завршена.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



