По завршувањето на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје, претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, во гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров, даде своја детална анализа за организацијата, предизвиците и придобивките од најголемиот спортски настан некогаш одржан во нашата земја.
Гордост и бројки: “Настан што ги надмина и Медитеранските игри”
Димевски го оцени фестивалот како врв на неговата кариера и огромно достигнување за македонскиот спорт.
“Тоа е чувство кое не се опишува. Горд сум што успеавме да организираме настан од вакви размери, 4300 учесници, 700 судии и делегати, над 200 ВИП гости и скоро 800 волонтери. Вкупно над 6000 луѓе беа дел од ЕМОФ Скопје 2025. Тоа е бројка што ги надминува и Медитеранските игри”, истакна Димевски.
Според него, најголемата придобивка е тоа што над 180 македонски спортисти добија статус на олимпијци, натпреварувајќи се со идните европски и светски шампиони.
Предизвиците: Како политиката влијаеше на организацијата
Ние во Спортска Станица воопшто не ја сакаме политиката, а пред сè, не ја сакаме во спортот, нешто што е детално објаснето во нашиот “White Paper”. Сепак, јасно ни е дека настани од вакви размери не е возможно да се организираат без одредено политичко влијание.
Во однос на критиките за сместувањето, Димевски објасни дека првичниот план бил спортистите да бидат сместени во целосно реновирани студентски домови, но проектот бил одложен поради промени во владата.
“Идејата беше сите учесници да бидат сместени во домови со европски стандарди. Проектот беше одобрен, но по промената на власта, реализацијата се одложи. Како и многу работи во нашата држава, политичките промени влијаеја и на ова”, објасни тој.
И покрај сите предизвици, Димевски потенцираше дека ЕМОФ Скопје 2025 добил највисоки оценки од Европскиот олимписки комитет, а претседателот Спирос Капралос го оценил настанот како “екстремно успешен и перфектно организиран”.
Целиот разговор со Даниел Димевски можете да го погледнете во продолжение.