8.8 C
Skopje

Данската ладнокрвност победи во битолскиот “пекол”

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Амбиент за паметење, салата “Боро Чурлевски” во огнено издание, “Чкембарите” во своја најмоќна верзија, но и покрај сето тоа, Еурофарм Пелистер не успеа да ја одбрани тврдината. Данскиот ГОГ Гудме ја издржа бурата во Битола и со ладна глава замина со голема победа од 28-31.

А почетокот ветуваше нешто сосема друго. Пелистерци влегоа во мечот како во транс и со серија на брзи голови поведоа со 10-5. Се чинеше дека данскиот состав ќе се скрши под притисокот и атмосферата, но тогаш следуваше тактичкиот потег на мечот. ГОГ почна да игра “седум на шест”. Битолчани изгубија чекор, падна концентрацијата, а гостите тоа немилосрдно го казнуваа. На полувреме наместо сигурна предност, таблата покажа рамноправни 14-14.

Вториот дел донесе шок за домашната публика. Серии на лесни голови за ГОГ и водство од 14-17, па потоа и највисоки 18-22. Се бореше Манасков, носен од публиката, Кузмановски враќаше надеж, а Пелистер се доближи до 23-24. Но, токму во тие моменти, кога се решаваше натпреварот, првите пропусти беа казнети од Бјере и Вилхемсен.

До крајот, данската ладнокрвност беше посилна од битолскиот жар. ГОГ знаеше како да го контролира резултатот и без трема да ја затвори приказната за својата прва победа во групата.

Фредерик Бјере го одигра мечот на животот – 13 голови од исто толку обиди, вистинска ноќна мора за домашните голмани. Кај Пелистер најдобар беше Дејан Манасков со девет погодоци, додека Кузмановски постигна осум.

Еурофарм Пелистер по три кола останува со еден триумф и два порази, а овој ќе боли најмногу, затоа што дојде во Битола, во салата што важи за “пекол” за секој противник. Овојпат, пеколот не ги исплаши Данците.

Извор: https://x.com/ehfcl

 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено