Ден за историја крај езерото: Вардар во Струга оди по бод за шампионска титула!

 

Објавено:

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар, попладнево го игра веројатно најважниот натпревар во последните неколку години. „Црвено-црните“ гостуваат кај Струга Трим Лум, а пресметката има тежина на „шампионска виза“. По шест долги години чекање, пехарот од Првата македонска фудбалска лига е на само еден чекор од враќање во витрините во Скопје.

Математиката за избраниците на Гоце Седлоски е кристално јасна: на две кола пред крајот, Вардар има шест бода предност пред Шкендија. Тоа значи дека дури и едно реми попладнево во Струга ќе ја „завери“ шампионската титула и официјално ќе го означи почетокот на големото славје на „Комитите“.

„Црвено-црн“ воз во незапирлива серија

Вардар пристигнува во Струга во застрашувачка форма. Серијата од пет последователни победи и вкупно седум натпревари без пораз се потврда за доминацијата на тимот под водство на Седлоски во клучниот дел од сезоната. Во оваа низа, само лутиот ривал Пелистер успеа да извлече бод против лидерот, додека сите останати мораа да му честитаат на Вардар.

На спротивната страна, домаќинот Струга Трим Лум се наоѓа во резултатска криза. Стружани врзаа два порази по ред (од АП Брера дома и од Шкендија на гости), што го прави Вардар голем фаворит, иако традицијата на меѓусебните дуели сезонава повикува на претпазливост.

Традицијата вели – реми е најчест исход

Интересно е што ниту еден од двата претходни дуели оваа сезона не донесе победник, што патем му одговара на Вардар и денеска:

  • Октомври 2025 (Скопје): Возбудливи 2-2 каде Вардар се спасуваше во 92-рата минута преку Георгие Јанкулов, откако претходно Мато промаши пенал.
  • Февруари 2026 (Струга): Тврд натпревар кој заврши 1-1 со головите на Малески и Матиќ.

Време е за 12-та круна

За навивачите на Вардар, ова е моментот кој го сонуваа низ сите тешки моменти низ кои помина клубот во изминатиот период. Од 16:00 часот, на Градскиот стадион во Струга, Вардар игра за својата историја, за својата гордост и за враќање на тронот каде што припаѓа.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено