Ако порано ни изгледаше како далечен сон, денес Македонија на Светско првенство е на само два чекори од реалноста. По втор пат во нашата историја, имаме можност да дојдеме до толку посакуваниот Мундијал. Првиот пат стигнавме толку блиску со спектакуларната победа во Палермо над Италија, но паднавме во Порто. Овој пат одиме на силната Данска.
Денес сите љубители на фудбалот, на спортот воопшто и сите оние кои си ја сакаат Македонија дишат во знакот на репрезентацијата. Првата помисла кога се разбудивме сабајле беше: Денес игра Македонија!
Колку само е посакуван тој Мундијал знаеме сите, знаат фудбалерите, знае целиот тим во Данска. Повторно далеку од дома го бркаме сонот од детството, но ако малкумина веруваа во чудото над Италија пред натпреварот во Палермо, денес после години константно добра игра, енергијата е поинаква. Денес знаеме дека можеме, знаеме дека заслужуваме.
Без разлика на резултатот, она што е важно за целата јавност и пред сè за нас навивачите е да видиме храбра Македонија на теренот. Да излеземе и лавовски да се бориме за она што иако сите ни даваат најмали шанси, ние знаеме дека ни припаѓа.
Па без многу тактики, без многу должење, само сакавме да кажеме едно – ние веруваме, ние посакуваме, ние заслужуваме!
НАПРЕД МОМЦИ, НАПРЕД МАКЕДОНИЈА! ДЕНЕС СИТЕ НИЕ СМЕ СО ВАС НА ТЕРЕНОТ ВО ПАРКЕН!



