14.8 C
Skopje

Дерби во Кратово: Струга на испит, Силекс бара враќање на победничките патеки

Објавено:

Дербито во Кратово денеска ќе донесе судир на две од најамбициозните екипи во Првата македонска фудбалска лига. Силекс и Струга Трим Лум влегуваат во натпреварот со различни расположенија, но со иста цел – три бода што ќе ги одржат во борбата за врвот на табелата.

Струга во првите шест кола остана непоразена и тоа е нешто на кое сака да продолжи да гради. Напаѓачот Марјан Радески, кој е во одлична форма со четири гола и една асистенција, верува дека тимот има капацитет да издржи и во вакво тешко гостување. Тој истакна дека клучно ќе биде играчите да влезат со висок интензитет и концентрација уште од самиот почеток.

“Во вакви моменти се гледа карактерот на екипата. Ако играме со висок интензитет, концентрација и притисок од самиот старт, сигурен сум дека ќе останеме непоразени. Ако бидеме компактни, брзо ја пренесуваме топката и бидеме агресивни во дуелите, можеме да ја контролираме играта. Токму тоа е она што од нас го бара шефот на стручниот штаб Бледи Шкемби. Верувам дека можеме од Кратово да си заминеме со посакуваниот резултат”, вели Радески.

Извор: https://www.ffm.mk/

Силекс пак, по петте последователни победи, го доживеа првиот пораз сезонава на гостувањето кај Башкими. Но, тимот на Гоце Седлоски е решен веднаш да се врати на победнички пат. Португалецот Мигуел Пиреш, кој блеска во своето деби со четири гола од средниот ред, очекува тежок и израмнет натпревар. Тој смета дека победник ќе биде тимот кој ќе направи помалку грешки, нагласувајќи дека лигата е конкурентна и дека Силекс сезонава има реална цел – шампионската титула.

“Лигата е интересна, и ова е првенство кое напредува. Има екипи со голема традиција, и екипи кои се подобруваат. Дојдов во Силекс со една цел – да дојдеме до титулата. Минатата сезона знам дека сегашниот мој тим беше блиску, дека се бореше да стане првак до крајот на шампионатот”, рече Пиреш.

Пиреш додаде дека поразот во Куманово мора брзо да се заборави, бидејќи тимот треба да оди чекор по чекор и да гледа само напред. Според него, Струга е квалитетен противник со интензивен стил на игра и индивидуалци кои можат да направат разлика, но верува дека Силекс ќе биде подготвен да одговори.

Натпреварот меѓу Силекс и Струга Трим Лум ќе започне во 15:30 часот на стадионот во Кратово. Очекувањата се дека ќе биде едно од највозбудливите дербија досега, бидејќи двата тима веќе покажаа дека претендираат за врвот на македонскиот фудбал.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено