Поранешниот англиски репрезентативец и фудбалер на Ливерпул и Њукасл, Џонџо Шелви, предизвика бура од реакции со својата последна изјава, во која објасни зошто одлучил кариерата да ја продолжи во третата лига на Обединетите Арапски Емирати.
Иако многумина го обвинија дека заминал во Дубаи поради парите, Шелви тврди дека причината е сосема поинаква, тој повеќе не се чувствува безбедно во сопствената земја.
“Во Лондон не смееш да извадиш телефон или да носиш саат”
Во интервју за Би-Би-Си, 33-годишниот фудбалер даде брутално искрена, но и контроверзна изјава за животот во Англија. “Да бидам искрен, повеќе не сакам децата да ми растат во Англија. Имавме среќа што живеевме во убав дел од земјата, но таму од каде што потекнувам, едноставно не можеш да имаш убави работи”, изјави Шелви.
“Повеќе никогаш не би носел рачен часовник во Лондон. Според мене, таму не смееш ниту телефон да извадиш од џеб”, додаде тој, алудирајќи на зголемениот број на кражби во англиската метропола.
“Не е за парите, брат ми заработува повеќе во хотел”
Шелви, кој сега настапува за Арабиан Фалконс, ги отфрли и обвинувањата дека игра во третата лига на ОАЕ поради пари. “Гледам коментари ‘отишол за пари’. Си мислам, ‘какви пари?’. Просечната плата тука е околу 2.000 фунти месечно. Во споредба со тоа што сум го заработил во кариерата, тоа не е ништо. Брат ми заработува повеќе работејќи во хотел во Лондон“, изјави тој.
Лавина од реакции: “Претерува”, “Зборува глупости”
Изјавата на Шелви предизвика жестока дебата. Најдиректни беа оние кои тврдат дека доаѓаат од неговото родно место: “Роден сум и израснат во истата населба како него. Зборува глупости, какво изненадување…”, гласеше еден коментар.
Други, пак, со хумор одговорија на неговата изјава за (не)безбедноста во Лондон: “Работам во Лондон и можам да потврдам дека секој ден успешно носам саат и користам телефон”, се пошегува еден корисник, на што друг му одговори: “Сигурен си дека не се туѓи?”
Многумина ја истакнаа и иронијата во неговата одлука да се пресели токму во Дубаи: “Се жали што апсат луѓе за твитови во Англија. Дали воопшто знае каква е слободата на говор во Дубаи?”, додека други го споредија со Тони Крос, кој неодамна изјави дека Германија повеќе не е безбедна, иако со години живее во обезбедена населба во Мадрид.
На крајот, дали Шелви е во право или само бара изговори, проценете сами. Но, едно е сигурно, неговата изјава предизвика лавина од коментари и го отвори прашањето за кое многумина не сакаат да зборуваат.



