6.8 C
Skopje

Доцните голови на Ливерпул: среќа, навика или пресметан ризик?

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Синоќа Ливерпул ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите со уште една драматична завршница и гол за победа во последните минути од дуелот со Атлетико Мадрид. Ван Дајк погоди во 92-та минута за победа од 3:2, а Енфилд еруптираше на трибините.

На Терф Мор во неделата, Ливерпул повторно најде начин. Се играше третата минута од судиското продолжение, одбраната на Барнли стоеше цврсто и нервозата веќе се чувствуваше на теренот. Но тогаш центаршутот на Џереми Фримпонг удри во раката на Ханибал, Мохамед Салах сигурно реализираше од белата точка, и тимот на Арне Слот запиша уште една драматична победа.

Тоа беше четврти последователен меч во Премиерлигата во кој Ливерпул постигна одлучувачки гол во последните 10 минути, нешто што досега никој друг не успеал да го направи.

Па, дали Ливерпул има само среќа, или пак овие голови во завршницата се внимателно изградена стратегија?

Извор: https://x.com/LFC/

Менталитетот како клучен момент

Гери Невил најдобро го долови чувството: “Воопшто не се сомневав дека Ливерпул ќе даде гол”. Тој го спореди ова чувство со Манчестер Јунајтед од доцните 90-ти и Манчестер Сити во своите најсилни години.

Ова не е нов феномен. Под Јирген Клоп, Ливерпул стана познат како “менталитетско чудовиштe”. Сега тој тренд продолжува и под водството на Арне Слот. И статистиката тоа го потврдува. Уште од почетокот на Премиерлигата, ниту еден тим нема повеќе победнички голови во 90-та минута или подоцна од Ливерпул (47).

Резервите како разликата

Заедничката нишка во сите овие победи се резервистите. Киеза против Борнмут, Рио Нгумоха против Њукасл, Фримпонг против Барнли. Секогаш некој од клупата ја менува динамиката на мечот.

Слот можеби нема најдолга клупа во лигата, но има разновидност. Киеза иако минува низ тежок период, носи квалитет на големите сцени. Нгумоха, со само 17 години, влева свежина и непредвидливост. Фримпонг нуди брзина и ширина во завршницата.

Слот вешто ги чува овие адути за моментите кога противниците се најуморни и токму тука се создава предноста.

Тактички ризик

Против Барнли, Ливерпул заврши со пет чисти напаѓачи на теренот, двајца офанзивни бекови, Собослаи сам во средината, а Гравенберх спуштен во одбрана покрај Ван Дајк.

“Да си заминавме со реми, знаејќи дека имав напаѓачи на клупата кои не ги пуштив, тоа ќе ми тежеше”, рече Слот по натпреварот.

Оваа подготвеност да се ризикува не е само формациска промена, таа создава верба. Кога играчите гледаат дека тренерот е подготвен да оди до крај за победа и тие самите повеќе веруваат дека таа ќе дојде.

Долгорочно издржливо решение?

Историјата предупредува дека ваквите серии не траат вечно. Тимот на Клоп имаше слична навика да се враќа од негатива, но со време тој ритам се изгуби. Слот знае дека касните победи се добредојдени, но дека ќе мора да дојдат и поудобни триумфи.

“Мораме да почнеме да победуваме полесно, но убаво е што имаме четири победи иако не сме на нашето највисоко ниво”, призна Енди Робертсон.

За сега, Ливерпул плива на бран на самодоверба и историја. Доцните голови не се само плод на случајност, туку резултат на длабочина, храброст и верба која е вкоренета во ДНК-то на клубот. Прашањето е само колку долго ќе трае оваа низа.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено