14.8 C
Skopje

Доминантната Германија непобедена до првото место во групата Б

Објавено:

Германија го заврши совршено настапот во групната фаза на Евробаскетот, откако го прегази домаќинот Финска со убедливи 91-61 пред полни трибини во Тампере Дек Арената каде 12.900 гледачи дојдоа да го гледаат натпреварот.

Ова беше петта победа од пет меча за германската репрезентација, која само за малку не успеа да стане првиот тим што постигнал повеќе од 100 поени на пет последователни средби во едно издание на шампионатот. Од првиот свиреж, Германците имаа контрола, а одлучувачката разлика ја направија во втората четвртина, кога ја добија со 29-17 и на полувреме поведоа со 50-36.

Финците се обидоа да останат во игра, но уште на стартот од третата четвртина Франц Вагнер со моќно закуцување даде јасен знак дека нема враќање. Ѕвездата на Орландо Меџик го заврши мечот со 23 поени, 7 скока и 3 асистенции за само 20 минути на терен. Поддршка му даде и капитенот Денис Шредер со 16 поени, 7 скока и 9 асистенции.

Кај Финска, најдобар беше Оливиер Нкамхоуa со 16 поени и 10 скока. Но, домаќините немаа сила, а најмногу што се доближија на доминантната Германија беше на минус 13 во второто полувреме.

Германија со оваа победа го завери првото место во Групата Б, додека Финска го заврши настапот на третата позиција. Двете репрезентации веќе обезбедија пласман во осминафиналето во Рига.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено